Фото: Игор Бансколиев

Се враќа ли задолжителната воена служба во земјите на ЕУ

По падот на железната завеса во Европа, многу земји ја укинаа задолжителната воена обврска. Но со почнувањето на војната во Украина, повеќе европски држави веќе динамично размислуваат да ги вратат задолжителната воена служба и општата регрутација

Подготвил: Mарјан Велевски

По падот на Берлинскиот ѕид и крајот на Студената војна, се чинеше дека општата регрутација е веќе минато во Европа. Во текот на изминатите 20 години, ако не и порано, задолжителната воена служба беше укината во повеќето земји на континентот. Во водечката држава на ЕУ, Германија, се суспендираше задолжителната воената служба уште во 2011 година, но таа може да биде повторно воведена доколку Бундестагот утврди дека има потреба од тоа. Слична е ситуацијата и во многу други европски земји.
Од 29 земји, кои се членки на НАТО, вклучувајќи ја и Турција, само шест ја задржаа задолжителната воена служба од 1993 година. За споредба, Обединетото Кралство, САД и Канада имаат исклучиво професионални армии веќе 50 или повеќе години.
Сепак, војната во Украина поттикна многу жолчни дебати за ова прашање, при што многу ЕУ-земји размислуваат дали треба повторно да воведат задолжителна воена служба и да ги зголемат буџетите за одбрана.

Франција

Во Франција моментално се расправа за „лесна“ форма на задолжителна воена служба. Претседателот Емануел Макрон ја воведе универзалната национална служба во 2019 година, која им овозможува на младите луѓе да волонтираат еден месец и да ѝ служат на својата земја. Владата сега размислува да го направи ова задолжително за сите француски државјани на возраст од 15 до 17 години.

Германија

Иако германскиот канцелар Олаф Шолц го отфрли предлогот на неговиот министер за одбрана Борис Писториус за воведување задолжителен воен рок, сепак, продолжуваат гласните повици за широка национална дебата за ова прашање, и тоа од целиот политички спектар партии.
Комесарката за армијата на Бундестагот, Ева Хогл, која исто така е од владејачките социјалдемократи како Шолц и Писториус, неодамна инсистираше за предлогот дека треба да се разговара за задолжителна една година стаж во воени или цивилни институции. Таа рече и дека припадниците на војската треба организирано да ги посетуваат училиштата во кои на младите ќе им зборуваат за својата работа и за „долгот кон својата татковина“.

Холандија и Шведска

Холандската армија моментално има недостиг од 9.000 војници, а Владата размислува да го зголеми бројот преку задолжителна воена служба, како што го прави тоа Шведска од 2018 година.
Најголемата скандинавска земја ја укина задолжителната воена служба во 2010 година, но повторно ја воведе бидејќи немаше доволно доброволци што се пријавија. Сега, сите 18-годишници треба да се пријават на должност, но само мал дел се регрутираат за вистинска воена служба, што е случај и во Норвешка.

Норвешка и Данска

Од 2016 година, сите 18-годишници во Норвешка – мажи и жени – мора да се пријават за воена служба. Но само околу 9.000 од 60.000 годишни кандидати се повикани за 19 месеци стаж. Според официјални извори, воената служба има слично ниво на престиж, како и високообразовните квалификации поради строгиот процес на селекција.
Данска има и задолжителен воен рок, но има доволно доброволци за да се задоволи побарувачката.

Украина и Литванија

Во 2014 година, Украина повторно ја воведе задолжителната воена служба за мажи на возраст од 18 до 26 години. Следуваше Литванија во 2015 година со мажи на возраст од 18 до 25 години. Откако Русија ја започна својата специјална воена операција во февруари 2022 година, украинската влада донесе закон со кој сите физички способни мажи на возраст меѓу 18 и 60 години потенцијално подлежат на задолжителна воена служба.

Летонија

Балтичката држава е една од трите членки на НАТО, заедно со Естонија и новата членка Финска, кои граничат со територијата на Русија. Летонија планира повторно да ја воведе задолжителната воена служба, која другите две никогаш не ја укинаа.
Од 2024 година, сите мажи на возраст од 18 до 27 години ќе треба да поминат 11 месеци воена обука. Од 2028 година, секоја година ќе се повикуваат 7.500 Летонци. Според НАТО, тоа е еквивалентно на вкупниот број професионални војници во земјата во 2022 година.

Романија

Првиот обид за повторно воведување задолжителна воена служба не успеа во 2015 година, но романскиот премиер Николае Чиука, пензиониран генерал, повторно се изјасни за тоа минатата пролет. Во нацрт-законот откриен минатата година, романското министерство за одбрана го поддржа предлогот сите Романци на возраст за војска што живеат во странство да се пријават на воена служба во рок од 15 дена во случај на општа мобилизација.