Руските високи бизнисмени и заплената на нивното богатство како дел од санкциите што ги воведе меѓународната заедница беа честа тема на светските медиуми. Меѓутоа, и на другата страна на линијата на руско-украинскиот фронт постојат супербогаташи Украинци, кои со почетокот на воениот судир се најдоа во неможност да управуваат со својот имот, фабрики, производство… Многумина од нивните вработени (а некаде и сите вработени) одамна не се на своите работни места, менувајќи го својот статус како мигранти или внатрешно раселени лица. Така, украинските супербогаташи со почетокот на војната влегоа во суперкриза. За волја на вистината, кризата во нивното работење почна нешто претходно, со воведувањето на т.н. Закон за деолигархизација. Со тој закон, претседателот Володимир Зеленски не само што направи рестрикција на нивните бизниси туку законот имаше цел да биде ограничено нивното политичко влијание

Што се случува со украинските супербогаташи додека нивната земја е зафатена од воен конфликт

Неколку десетици бизнисмени од Украина, кои имаа удел и управуваа со голем дел од украинското богатство (рудници, недвижности, банки, ТВ-станици, големи синџири на продавници, фарми итн.), се сметаа за исклучително важни чинители во тоа општеството. Уште повеќе, еден од нив активно е вклучен и во политичкиот живот на Украина, а т.н. „чоколадниот барон“, Петро Порошенко – дури беше и претседател на Украина од 2014 до 2019 година.
Но почетокот на судирот со Русија ги доведе во прашање и постоењето и управувањето со нивните богатства. Но треба да се напомене дека дури и пред војната, претседателот Володимир Зеленски започна Закон за деолигархизација, со цел да го ограничи нивното политичко влијание. Со почетокот на воениот судир, неговите планови се интензивираа. Сега, на украинскиот претседател повеќе не му е потребна политичка и финансиска поддршка од високиот бизнис. Ваквиот развој на настаните беше повод медиумите да направат преглед како, всушност, судирот со Русија го доведе во прашање и украинското стопанство, односно како војната им го промени финансискиот и политичкиот статус на пет главни украински бизнисмени. Досега во фокусот на светските медиуми беа главно руските високи бизнисмени и заплената на нивното богатство како дел од санкциите што ги воведе меѓународната заедница, па токму затоа е интересно да се види каква е состојбата на украинската страна.

Ринат Ахметов

Најбогатиот човек во Украина, Ахметов, плаќа највисока цена на украинско-рускиот воен судир. Столбот на неговата деловна империја, металуршкиот конгломерат „Метинвест“, загуби две од своите главни фабрики во јужна Украина. Челичарницата „Азовстал“ и челичарницата „Илич“ беа претворени во урнатини за време на судирот во Мариупол. Во јуни, тој поднесе тужба против Русија до Европскиот суд за човекови права.
Во 2021 година, Зеленски го обвини Ахметов за обид за државен удар, обвинение што олигархот силно го негираше. За обележување е што тој по инвазијата ги отстапи своите медиумски лиценци, а неговата целосна поткрепа на украинските воени сили му донесе одредена граѓанска поддршка.
Од почетокот на војната, други негови бизниси – вклучувајќи електроцентрали, банки, фарми, рударски и преработувачки постројки – беа оштетени или запленети.
Компаниите на Ахметов обезбедуваат пари и ресурси, обезбедувајќи над 100 милиони американски долари за панцири и шлемови, материјали за утврдување, воени возила, комплети за храна и лекови за цивилното население. Според портпаролот на Ахметов, тој „почетокот на војната го дочекал дома, во Киев и оттогаш тој не ја напушти Украина ниту еден ден“.
Според украинското издание на „Форбс“, богатството на Ахметов се намалило од речиси 14 милијарди долари во јануари на 4,3 милијарди долари во декември, но тој и понатаму е најбогатиот човек во Украина.

Виктор Пинчук

Деловната империја на Виктор Пинчук, изградена околу производителот на цевки и железнички тркала „Интерпајп“ – претрпи помалку од бизнисите на другите големи бизнисмени.
– Финансиската состојба на холдингот е влошена, но не може да се каже дека е катастрофа – рече Александар Парашиј, раководител за истражување во украинската консултантска компанија „Конкорд капитал“.
– Тие беа повеќе погодени не толку од непријателствата колку од зголемувањето на цените на енергијата и проблемите со логистиката – објасни тој, додавајќи дека војната ја намали способноста на „Интерпајп“ да извезува по морски пат.
Според „Форбс“, неговото богатство е намалено од 2,6 милијарди долари на 2 милијарди долари.
Од почетокот на судирот, до крајот на септември, Виктор Пинчук потрошил повеќе од 45 милиони долари за поддршка на украинската војска и цивили. Во првите недели од војната, воената болница беше стационирана во луксузната палата на Пинчук на периферијата на главниот град на Украина.

Петро Порошенко

Пред војната, Порошенко се бореше за својата политичка судбина, обвинет за кривичното дело „предавство и поттикнување тероризам“. Но со почетокот на воениот судир, според неговото интервју за „Гласот на Америка“, тој истапил пред претседателот на Украина, Зеленски, со следните зборови:
„Јас повеќе не сум лидер на опозицијата. И јас и ти сме војници. Додека не победиме, нема да критикувам никого!“ Порошенко, исто како и Зеленски, облече воена униформа и активно се вклучи во војната. Порошенко организираше волонтерски групи за да помогне во војната.
Компаниите на Порошенко потрошиле повеќе од 46 милиони долари за поддршка на вооружените сили. Испорачал оклопни автомобили купени во Италија и во Велика Британија, пикапи, панцири, шлемови, гориво и друго.
Според „Форбс“, неговото богатство е намалено од 1,6 милијарда долари на 700 милиони долари. Канцеларијата за медиуми на Порошенко одби да коментира за загубата на неговото деловно и лично богатство предизвикано од војната.

Игор Коломојски

Коломојски се смета за клучен повеќегодишен поддржувач на Зеленски, користејќи ги своите влијателни ТВ-станици за да го промовира Зеленски за време на претседателските избори во 2019 година. Сепак, блиските врски со Зеленски не го спасија Коломојски од проблеми.
Во јануари, американското министерство за правда соопшти дека Коломојски и негов соработник се осомничени за „перење пари во САД“. Неговиот главен финансиски имот, Приватбанк, беше запленет од украинските власти пред седум години, откако регулаторите открија неправилности и двојно сметководство со кое се прикрива сума од пет милијарди долари во книгите, а Коломојски сè уште се бори да го врати.
Според информациите, во јули Зеленски презел чекори за одземање на украинското државјанство на Коломојски бидејќи има и израелски и кипарски пасош. Коломојски се бореше против оваа одлука.
Во ноември, украинската влада се повика на законите за време на војната за да ја преземе контролата врз акциите во водечката енергетска компанија во земјата „Укрнафта“, делумно контролирана од Коломојски.

Виктор Медведчук

Виктор Медведчук, чие богатство пред војната изнесуваше 620 милиони долари, е најмоќниот проруски олигарх во Украина (постојат непотврдени информации дека рускиот претседател Владимир Путин ѝ е кум на неговата ќерка).
Пред судирот, Медведчук беше уапсен и под истрага за „можно предавство за соработка со Русија во илегалната екстракција на гас од Црно Море“, како и за „снабдување со јаглен од териториите под контрола на бунтовниците во регионот на Донбас“.
По почетокот на руско-украинскиот судир, Медведчук успеал да побегне од домашен притвор, но бил фатен додека се обидувал да ја напушти земјата преправен како воен доброволец.
Во септември тој беше разменет за украински воени заробеници. Неговото моментално место на престој е непознато. Хрватска му ја конфискуваше и суперјахтата „Ројал Романс“ вредна 200 милиони долари, за која „Нова Македонија“ извести во неколку наврати. Јахтата наскоро ќе се најде на аукција.

Подготвил: Mарјан Велевски