Украинскиот претседател Владимир Зеленски изрази незадоволство од водечките армиски кадри, откако тие воведоа рестрикции за движењето на воениот персонал без консултација со него, пишува „Њузвик“.
Новите рестрикции бараат украинските резервисти и другите во воена служба да поседуваат задолжителна дозвола за движење, односно за напуштање на установите во кои се распоредени. Одлуката ја соопшти началникот на генералштабот на украинската армија, Валериј Залужни, истовремено повикувајќи ги Украинците на мобилизација.
Јавното несогласување е реткост меѓу украинските власти, кои добија пофалби од странство во текот на војната која трае повеќе од четири месеци, истакнува американскиот магазин. Ова се случува во ситуација кога се водат жестоки борби на истокот на Украина.
Зеленски истакна дека одлуката за движењето на персоналот не требала да биде донесена без консултација со него, како и оти ваквата ситуација предизвикала „бројни несогласувања“. Украинскиот претседател ја критикуваше одлуката за време на јавно обраќање.
– Гледам дека има различни проценки на таквата одлука. Има недоразбирање, дури и индигнација во јавноста – кажа Зеленски, додавајќи оти упатил инструкции до воените лидери да му достават дополнителни детали за одлуката на состанокот планиран за денеска.
– Му ветувам на народот дека ќе најдеме решение. И го молам военото водство да не прави такви одлуки без мене во иднина – порача Зеленски.
Украинските медиуми истакнуваат дека военото водство ја донело одлуката за да ја помогне евиденцијата на раселените лица. Дел од Украинците на социјалните мрежи изразија загрижност дека неправедно ограничување на движењето, односно на можностите за патување, би можело да се одрази негативно врз економијата, како и дека одлуката е нејасна во врска со дозволените облици на движење, според новите прописи.