Земјите од Европската Унија и Африканската Унија ја нагласија важноста на поблиската соработка меѓу двата континента на крајот од нивниот дводневен самит во главниот град на Ангола, Луанда.
– Гледајќи напред, решени сме дополнително да го унапредиме нашето партнерство и да отвориме нови можности – се наведува во заедничката декларација во која се истакна економската соработка, трговијата и инвестициите.
Заедничката изјава, исто така, се осврна на претходните обврски за финансирање на климатските промени и промоцијата на обновлива енергија во Африка.
Двете унии заеднички ја нагласија потребата од решавање на конфликтите низ целиот свет.
– Ја повторуваме нашата непоколеблива поддршка за праведен, сеопфатен и траен мир во Украина, окупираната палестинска територија, Судан, Јужен Судан, Демократска Република Конго, Сахел, Сомалија и во другите војни и конфликти низ целиот свет – се наведува во заедничката изјава од самитот.
– Ги осудуваме злосторствата извршени во Ел-Фашер од страна на РСФ по неодамнешното заземање на градот и повикуваме на итен прекин на непријателствата и непречен пристап до хуманитарна помош низ целата земја – се наведува во декларацијата за ситуацијата во суданскиот регион Северен Дарфур.
Обединетите нациi ја опишуваат војната во Судан, која трае веќе две и пол години, како најголема хуманитарна криза во светот во овој момент.
Двете страни ја потврдија својата посветеност на демократијата, доброто управување, владеењето на правото, човековите права и слободата на медиумите. Во декларацијата, меѓутоа, не се споменуваат кршења на човековите права.


































