Поранешниот американски претседател Барак Обама ги повика Американците „да ја согледаат целата вистина“ кога се обидуваат да ја разберат војната меѓу Израел и Хамас, додавајќи дека „ничии раце не се чисти“.
– На никого рацете не му се чисти, рече 44-от американски претседател за време на интервјуто за подкаст што го организираат неговите поранешни соработници во Белата куќа – пишува „Њујорк Пост“.
Обама кажа дека тоа што го направи Хамас е страшно и дека нема оправдување за тоа, но нагласи дека е точно и дека израелската окупација и тоа што им се случува на Палестинците е неподносливо.
Според него, единствен начин да се реши кризата е да се прифатат тие навидум контрадикторни идеи.
– Вистината е дека во моментов умираат луѓе кои немаат никаква врска со тоа што го направи Хамас – рече Обама, обвинувајќи ги социјалните мрежи за продлабочување на јазот меѓу двете завојувани страни.
Поранешниот американски претседател е запаметен по затегнатите односи со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со кого се судри околу нуклеарниот договор меѓу САД и Иран и проширувањето на израелските населби во областите што Палестинците ги сметаат за нивна територија.
Обама ги повика Американците „да не подлегнуваат на гневот“, туку, место тоа, да ги слушаат спротивставените гледишта.