Пјонгјанг – Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја пропушти прославата за роденденот на неговиот дедо на 15 април, што предизвика гласини за неговото здравје. Си-ен-ен пренесе изјава на неименуван американски претставник дека САД следат разузнавачки податоци дека Ким Џонг-ун е во животна опасност по операцијата на срцето. Засега сѐ уште нема официјална изјава од Северна Кореја.
Берлин – Германскиот „Октоберфест“, најголемиот светски фестивал на пивото, е откажан поради падемијата на коронавирусот, соопштија властите на јужната покраина Баварија. Околу шест милиони посетители од целиот свет секоја година се собираат во Минхен на 14-дневен фестивал, кој се одржува под шатори, со долги дрвени маси и оркестри што свират локална народна музика. Оваа манифестација на Минхен му носи приход од над милијарда евра. Годинава беше планирано „Октоберфест“ да се одржи од 19 септември до 4 октомври.
Мексико Сити – Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор ги повика наркокартелите повеќе да не му делат пакети со помош на населението за време на кризата поради пандемијата на коронавирусот. Обрадор рекол дека такви случаи биле забележани на повеќе места во Мексико, но додал дека државата ништо не може да направи против тоа. На пакетите што му се делат на населението се залепени фотографии од поранешниот водач на наркокартелот Синалоа, Хоакин Гузман, познат како Ел Чапо, кој се наоѓа во затвор.
Сантијаго – Чиле има намера да стане првата земја што ќе издава пасош за луѓето што се стекнале со имунитет по закрепнувањето од коронавирусот, а благодарение на овој важен документ, за нив ќе нема ограничувања на движењето. Ваквиот специјален пасош ќе овозможи сите што закрепнале од вирусот или се тестирани за присуство на антитела, да се вратат на работа и да ѝ помогнат на земјата економски да закрепне, пренесува „Вашингтон пост“.