Фото: МНР

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска истакна дека македонската надворешна политика е секогаш за мир во однос на сите конфликти во светот, а за резолуцијата за прекин на огнот во Газа во Генералното собрание на Обединетите нации земјава гласала воздржано, поради одредени недоречености во самиот текст, кои, како што посочи не соодвестуваат со основните принципи на меѓународното право и, пред се, во неа не се дефинира што всушност претставува Хамас.

-Ние сакаме мир, насекаде во светот, за сите конфликти. Нашата надворешна политика е така поставена и даваме свој инпут како мала држава за мир меѓу Украина и Русија, жалиме за развојот на состојбата на Блискиот Исток, исто така сакаме мир меѓу Израел и Палестина. Но, кога ќе видите една таква резолуција, таа има своја содржина и во однос на содржината на каква било резолуција ние поставуваме наш политички став. Во неа ќе видите аргументи, кои се спротивставени со основните принципи на меѓународното јавно право – истакна Муцунски.

Тој посочи дека во резолуцијата немало јасна дефиниција за Хамас, за тоа што значи и како дејствува оваа организација, за која, рече дека за него, без дилема, е терористичка.
-Во истата резолуција ќе видите недоволно јасно дефинирање на тоа што е Хамас. На пример за мене нема никаква дилема дека Хамас е терористичка организација, којашто изврши убиство на територија на Израел, но кога нема јасно дефинирање за дејствијата на Хамас, за организацијата, што правела, не можеме да застанеме позади една таква резолуција – рече Муцунски, одговарајќи на новинарско прашање денеска на заедничката прес-конференција со неговиот унгарски колега, Петер Сијарто во врска со Резолуцијата за прекин на огнот во Газа, која беше усвоена со 149 гласови, 12 држави гласа против, а 19 беа воздржани.

Тој напомена дека македонските позиции во однос на кое било прашање во ОН се гледаат низ призма за заштита на нашите интереси.

-Не сме против мир во Палестина, сакаме мир, бидејќи мирот значи благосостојба, стабилност за нашите држави и за нашите народи, но кога некој дава оценка за што е гласано му препорачувам да прочита зошто точно сме гласале воздржано – додаде Муцунски.