Фото: Пиксабеј

Мост што поврзува две држави во северните и североисточните региони на Бразил се урна во неделата додека возилата минувале по него, при што загинало најмалку едно лице, а потрагата по исчезнатите е прекината поради излеана сулфурна киселина во реката Токантинс, објави Ројтерс.

Националното одделение за транспортна инфраструктура соопшти дека централниот распон на мостот долг 533 метри, кој ги поврзува градовите Естреито во државата Маранхао и Агиарнополис во државата Токантинс, попуштил во попладневните часови. Камион-цистерна што ја превезуваше киселината падна во водата, соопштија официјални лица.

Според противпожарната служба, потврдено е дека едно лице починало, а друго е спасено живо.

Градскиот советник на Агиарнополис, Елиас Јуниор, снимаше видео во кое бара од властите да ги отстранат проблемите со мостот, за кој рече дека повеќе не може да се справи со тешките камиони што минуваат преку него. Додека покажувал на голема пукнатина на рамото на мостот, конструкцијата се срушила пред него, поради што тој побегнал назад. Ројтерс не можеше веднаш независно да го потврди видеото. Јуниор не одговори веднаш на барањето за коментар.

Прелиминарните проценки покажуваат дека најмалку 11 лица биле инволвирани во несреќата при што два камиони, автомобил и мотоцикл паднале во реката, која е длабока повеќе од 50 метри.

До раните вечерни часови, нуркачите-спасители ги прекинаа напорите откако утврдија дека еден потопен камион-цистерна испушта сулфурна киселина, соопшти пожарникарската служба од Токантинс.

Мостот отворен во 1960 година, е изграден со армиран бетон и е дел од автопатот БР-226, кој го поврзува сојузниот главен град Бразилија со Белем, северен град кој следната година ќе биде домаќин на Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации.