Русија

На традиционалната годишна прес-конференција во Москва, рускиот претседател Владимир Путин истакна дека глобалната борба против коронавирусот продолжува. Тој во своето обраќање до јавноста исто така посочи дека Русија сака да го избегне конфликтот со Украина и Западот и нагласи дека проширувањето на НАТО на Истокот е неприфатливо за Москва.
Русија сака мирни односи со Украина, но не гледа начин како да го направи тоа, додека е сегашното раководство на власт. Постојат сили што би работеле со Русија, но тие луѓе се соочуваат со политички прогони, противзаконски санкции, па дури и со убиства во Украина. А таквите злосторства не се ни истражуваат – рече рускиот претседател.
Во обраќањето пред јавноста тој исто така се осврна и на економијата, но и на глобалната енергетска криза. Путин посочи дека руската економија е подготвена на евентуални шокови, но светската енергетска криза мора заеднички да се надмине.
Инаку, Путин одржува ваква прес-конференцијата секоја година откако стана претседател во 2001 година. Од 2004 година, секоја прес-конференција трае најмалку три часа, а најдолгата беше во минатата година, која траеше четири и пол часа. Оваа година поради мерките против коронавирусот, бројот на новинари беше ограничен на нешто повеќе од 500, а конференцијата се одржа на поголем простор. За учество на конференцијата, како што јавија руските медиуми, беа потребни три негативни ПЦР-тестови. Во согласност со епидемиолошките барања, растојанието помеѓу бирото на претседателот и новинарите беше најмалку 20 метри. Интересно е дека новинарите што присуствуваа на конференцијата пред да влезат во салата беа попрскани со сребрена вода за дезинфекција.

Подготвил: Дејан Србиновски