Русија ги зголеми платите на новите регрути со надеж дека ќе ги смири невоените граѓани, но тоа создаде други проблеми.
Покрај трошоците за персоналот, кои сочинуваат дури една третина од буџетот за одбрана, новопримените војници се платени повеќе од офицерите со воено искуство, дури и повеќе од оние што ги обучуваат.
– Во мојата воена служба никогаш не сум видел војници да заработуваат повеќе од офицерите што ги командуваат – изјави пензионираниот генерал-полковник Јуриј Неткачев за рускиот весник „Независна газета“.
Месечна плата од 200.000 рубли или 2.430 долари им беше ветена на 300.000 регрути повикани минатата година во делумна мобилизација. Ова е голема плата во споредба со она што го заработија регрутите во 2020 година: 2.000 рубли или 24 долари и 62.000 рубли или 757 долари месечно за волонтери.
Има и бонуси за волонтери, па Кремљ, на пример, ветува дополнителни пари за други достигнувања во Украина, како што е уништувањето на непријателските тенкови.
Денес, обичниот пешадиски офицер ќе добива најмалку 195.000 рубли или околу 2.370 долари месечно, а дури и командант заработува 225.000 рубли (2.740 долари). Руските медиуми јавуваат дека офицерите добиваат целосна плата само доколку цел месец го поминат на непријателска територија.
Новите плати на војниците во Русија може да се споредат со американските воени компензации, каде што еден војник заработува околу 2.000 долари месечно, а новопечениот втор поручник добива речиси 3.700 долари, и тоа без бонуси и дополнителни бенефиции. И трошоците за живот во САД сè уште се многу повисоки отколку во Русија.
Од друга страна, животот во руската армија не е лесен. Касарните се трошни, храната е лоша, а малтретирањето на новите регрути е брутално, понекогаш доведува до смрт. Имаше и поплаки дека војниците не ги добиваат парите што им беа ветени, па дури и семејствата на платениците на „Вагнер“ не добиваа отштета доколку нема тела.
И покрај сето ова, воените плати изгледаат дарежливи во споредба со цивилниот сектор, каде што просечната месечна плата е 63.000 рубли или 770 долари. Речиси милион Руси ја напуштија земјата за да избегнат регрутирање, но за оние посиромашните, од областите како Сибир, воениот живот и платата може да изгледаат привлечни.