Експертите издвојуваат дека Пекинг и Москва во моментов нема да брзаат да си помогнат за време на воена ескалација, било да е тоа во Украина или за Тајван. Но, според нив, „многу е поважно за нив што Русија и Кина веќе пронашле заеднички именител за нивната здушна меѓусебна дипломатска поддршка“. Аналитичарите веруваат дека тоа е клучот за кинеските крупни развојни чекори на глобален план, а наедно и за руското стратегиско репозиционирање
Подготовки за промена во правилата на глобалната игра: Кина и Русија со сличен геополитички ракурс
Поаѓајќи од актуелната ситуација во Украина, промената во светската политика може да биде многу помалку суптилна од очекуваното, особено по почнувањето на специјалната воена операција на Русија во регионот Донбас. Во истиот контекст, одлуката на кинескиот претседател Си Џинпинг да се зближи со рускиот лидер индицира дека и Кина цели кон важни партнери и алтернативи во меѓународниот поредок, засега предводен од Западот.
Реципроцитетна поддршка на релацијата Русија – Кина?
Во време на нагло зголемување на тензиите меѓу Русија и Западот поради руската операција во Украина, Путин би можел да ѝ обезбеди на Кина реторичка поддршка за спротивставувањето на ширењето на НАТО и нов одличен договор за гас. Ова беше првпат Путин да добие толку отворена кинеска поддршка за неговиот став кон НАТО. Од друга страна, според експертите, Кина би можела да очекува поддршка од Русија за нејзината позиција за Тајван како неделив дел од Кина. На пример, и со вербално демонстрирање политичка и идеолошка блискост, што е чекор понатаму во „сеопфатно стратегиско партнерство за новата ера“.
Сепак, Пекинг е внимателен да ги заштити своите интереси при руската специјална операција во Украина
Според експертите, од економска и технолошка перспектива, на Кина не ѝ е потребна Русија ни приближно колку што ѝ е потребна Кина на Русија. И Пекинг е внимателен да ги заштити своите економски интереси од новите превирања на Русија, која започнува инвазија во Украина.
Како што неодамна беше истакнато на состанокот во Варшава на ЕЦФР (европскиот совет за меѓународни односи) за односите меѓу Кина и Русија, Пекинг и Москва во моментов нема да брзаат да си помогнат за време на воена ескалација, било да е тоа во Украина или за Тајван. Но многу е поважно да имаат средина за нивната меѓусебна дипломатска поддршка. Тоа е клучот за кинеските глобални развојни амбиции и стратегиското репозиционирање на Русија.
Затоа, невозможно е Европа и САД да го поделат политичкиот проблем со кој се соочуваат во однос на акциите на Русија во Украина. Тоа не е проблем од далечната ера, со кој Западот може брзо да се справи пред да премине на „вистинскиот“ предизвик, односно како што тврдат тие – од Кина. Тоа е дел од истата динамика, поточно преиспитување на позициите во променливиот светски поредок. А руската поддршка на Кина ѝ дава кредибилитет на желбата на Кина да го преобликува тој поредок.
Според западни аналитичари (а и поранешниот претседател на САД, Трамп), „Путин личи дека го пронашол својот момент“, а Кина пак верува дека е „способна да го преобликува светот“ и развојно да направи баланс, рамнотежа, но во еден одржлив развоен тренд. Во тој процес, Кина прагматично се обидува да ја зајакне својата економска отпорност и да ја ограничи нејзината зависност од Западот, а исто така да ги реинтерпретира одредбите (во светот) што биле синоним за поредокот (моделот) практикуван и предводен од Западот.
За Западот оската Кина – Русија претставува директен предизвик
Оската Кина – Русија, исто така, претставува директен предизвик за регионалниот поредок во Индопацификот, каде што Кина е решена да ги редефинира границите и сферите на влијание и да го реши прашањето за статусот на Тајван. Индиректната поддршка на Русија за ова, преку одвлекување на вниманието на друго место во регионот и пошироко во светот, или уште подиректни форми на вмешаност во непредвидени ситуации на Тајван во иднина, се сценарија што европските престолнини повеќе не можат да ги отпишат како „незамисливи“ или „ирационални“ и сега веројатно ќе размислуваат пофокусирано и посконцентрирано на тоа. Судејќи според бројот и обемот на заедничките воени маневри во кои Кина и Русија се ангажирани веќе со години, Пекинг и Москва можеби не само што имаат намера да сигнализираат воена подготвеност и да поддржат меѓусебно градење доверба туку може да ја разгледаат и зголемената интероперабилност на нивните трупи како средство што ќе се користи.
За Европа, особено новата влада во Берлин, ова ја наложува долгоочекуваната обнова на политиката на Кина и нов пристап кон Русија. Сепак, исто така, би било мудро да се започне со развивање на политиката кон Кина и Русија, односно похолистички пристап кон предизвиците што новата оска ги поставува за сегашниот меѓународен поредок, воспоставен од Западот. Оваа иницијатива ќе ја земе предвид реалноста на партнерството и ќе ги наведе нејзините импликации врз европските политички избори, како составен дел на новата стратегија за национална безбедност на Берлин и стратегијата за Кина.
Какви мерки ќе преземат од западните центри на моќ, според аналитичарите?
Според политичките аналитичари, Западот ќе треба да го реши својот „проблем“ преку мерки како што се: поблиско набљудување од страна на НАТО кон кинеската и руската воена соработка, интензивирана размена на разузнавачки информации меѓу индопацифичките и трансатлантските сојузници и партнери, да се зголеми ситуационата свест за кинеските и руските заеднички активности во Азија и Европа, да се засили собирањето разузнавачки информации за инвестициските текови од Кина во Русија, вклучувајќи ги сопственичките структури на компаниите, да се инвестира во експертиза за Кина и Русија на ниво на истражување, вклучувајќи и преку засилени дијалози помеѓу соодветните регионални специјалисти и поголемо планирање на европските сценарија, вклучувајќи и со САД и индопацифичките партнери, за да се проценат ефектите од засилената соработка меѓу Кина и Русија околу Тајван или во трети региони, како што се Блискиот Исток, Централна Азија и Африка. Но, сепак, прашање е колку ваквите активности ќе го решат нивниот „проблем“, бидејќи сите овие мерки и активности се во функција на собирање информации, анализи, планови и подготвување сценарија, отколку за пронаоѓање конкретни методи и стратегија на реакција на Западот, за да се спречат галопирачките чекори на Русија и на Кина.