Новиот командант на руските сили во Украина, Сергеј Суровикин, призна денеска дека воената ситуација во Украина е „напната“, особено околу окупираниот јужен град Херсон.
– Генерално, ситуацијата во областа на специјалната воена операција може да се дефинира како напната. Непријателот не се откажува од обидите да ги нападне позициите на руските трупи – рече тој во интервју за државната телевизија „Русија 24“.
Според него, ова првенствено се однесува на секторите Купјанск, Лиман и Николаев-Криви Рих.
Тој рече дека руската група во Украина не настојува да напредува со големо темпо, туку методично го „меле“ непријателот, пренесе ТАСС.
– Нашата стратегија е поинаква. Врховниот командант веќе зборуваше за ова. Ние не се стремиме кон високо темпо на напредување, ние го чуваме секој војник и методично го „мелеме“ непријателот што напредува – рече тој.
Генералот Суровикин тврди дека вооружените сили на Украина секојдневно губат од 600 до 1.000 убиени и ранети луѓе.