Јавниот судир меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа беше „намерна ескалација“, изјави денеска победникот на германските избори Фридрих Мерц.
– Тоа не беше спонтана реакција на интервенциите на Зеленски, туку очигледно намерна ескалација на состанокот во Овалната соба – рече Мерц на прес-конференција во Хамбург.
Тој изјави дека Европа е под притисок да реагира брзо.
Мерц нагласил дека е од клучна важност да се одржи соработката меѓу ЕУ и САД и дека се уште не планира патување во САД, но дека тоа ќе се случи по формирањето влада во Берлин.
Посетата на Зеленски на Белата куќа во петокот беше прекината откако тој влезе во жестока размена на зборови со претседателот Доналд Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кои го обвинија за „непочитување“ за време на состанокот во Овалната соба. После тоа, украинскиот лидер ја напушти Белата куќа без коментар, а Трамп на платформата Трут Сошл напиша дека Зеленски не е подготвен за мирно решавање на украинскиот конфликт и дека покажал непочитување кон САД.