Менувањето на карактерот на државите на Западен Балкан, преку различни интервенции во уставите со самоволно толкување на највисоките правни акти од страна на одредени политички елити или, пак, менување на државното уредување и управување со своеволно внесување концепт на (понатамошни) поделби (конфедерации, федерации, регионализирање итн.), и тоа по етничка или конфесионална формула, едноставно е недопустливо! Тоа е мошне видливо и по последната реакција на примерот на БиХ, каде што високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, ги отфрли погрешните интерпретации на Дејтонскиот договор во РС, кои, како што вели, „служат за сецесионистички цели, вклучувајќи ги и тврдењата што го негираат континуитетот на БиХ и погрешно го претставуваат нејзиниот устав“. Притоа, тој нагласи дека „државата Босна и Херцеговина не е сојуз на држави или конфедерација. На територијата на Босна и Херцеговина има само една држава, а тоа е Босна и Херцеговина!“ Токму тоа беше доволно јасна порака за меѓународната јавност, а и за јавноста во нашиот регион дека процесите на делби се недопустливо сценарио и дека водат кон конфликти, па и воени судири. А меѓународната заедница нема да го допушти тоа
Меѓународната заедница бара зацврстување на уставните уредувања на државите од Западен Балкан, затоа што секое редефинирање носи тешки безбедносни ризици
Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, ги предупреди Обединетите нации (ОН) за „невидени напади врз Дејтонскиот мировен договор и уставниот поредок на БиХ“, вклучувајќи и на високиот претставник и Уставниот суд на БиХ како нивни заштитници.
Кристијан Шмит: На територијата на Босна и Херцеговина има само една држава, а тоа е Босна и Херцеговина!
Во својот извештај до генералниот секретар на ОН, Шмит изјави дека одговорноста за нападите е на властите на Република Српска, предводени од претседателот Милорад Додик, кој е под меѓународни санкции поради закани по мировниот договор, соопшти Канцеларијата на високиот претставник (ОХР). Во извештајот, кој се однесува на периодот од 16 април до 15 октомври, високиот претставник ги отфрли погрешните интерпретации на Дејтонскиот договор во РС, кои, како што вели, „служат за сецесионистички цели, вклучувајќи ги и тврдењата што го негираат континуитетот на БиХ и погрешно го претставуваат нејзиниот устав“.
– Државата Босна и Херцеговина не е сојуз на држави или конфедерација. На територијата на Босна и Херцеговина има само една држава, а тоа е Босна и Херцеговина – вели високиот претставник.
Претседателот на РС во последните години неколкупати зборуваше за потребата од одвојување на тој ентитет од Босна и Херцеговина, а последен пат го изјави тоа на 21 октомври, нагласувајќи дека независноста е „реална алтернатива во иднина“. Наедно беше изразена и подготвеност да се повлечат претставниците на РС од институциите на Босна и Херцеговина.
Шмит нагласи дека меѓународната заедница сè уште има на располагање инструменти за да се спротивстави на заканите на Мировниот договор и дека тие мора да се одржат и зајакнат.
Во извештајот до Советот за безбедност на ОН се нотира дека бројот на насилни напади врз повратниците се зголемил и дека корупцијата сè уште е широко распространета.
Поделбите водат кон распад на државите и неминовен конфликт
Сега, повторно со посредство на меѓународната заедница, се прават напори да се зацврсти „унитарниот“ карактер на државната заедница, БиХ. Тоа, пак, од друга страна се совпаѓа со почитување на принципот на унитарност во другите балкански држави, вклучувајќи ја и Македонија. Имено, таквиот став е всушност порака за зајакнување на унитарноста, внатрешната кохезија на мултиетничките општества, преку карактерот на државите на Балканот и нивните устави, со кои ќе го зацврстат носителот на државноста во конкретните држави, а притоа да бидат уредени сите права на другите малцинства во мултинационалните општества. Ова наедно значи и државите внатрешно да не се поделат по етнички и конфесионален клуч и да не одат во правец на градење такви поделени институции, бидејќи тие стануваат нефункционални.
На пример, во контекст на прашањето за уставните промени во Македонија, сѐ позачестени се барањата од албанскиот политички кампус за да гласа за уставните измени со кои Бугарите би влегле во македонскиот устав како државотворен народ, и плус барањата на албанските партии се однесуваа на тоа во пакетот уставни измени да влезе измената за синтагмата „јазик што го говорат 20 отсто…“ и таа биде заменета со зборовите „…албански јазик“. Наедно се пласира и идејата за воспоставување дводомен парламент! Токму за политичките аналитичари ваквите барања се насочени кон ново уставноправно редефинирање на Македонија. Но, исто така, пораката од високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, протолкувана од политичките аналитичари е дека „меѓународната заедница нема да дозволи ниту внатрешни поделби во државите и дека се стреми кон стимулирање на кохезивните фактори, а не кон дополнително делење или сегрегација“.
Редефинирање на уставноправниот систем е дел од една хибридна војна на штета на Македонците
Бугарските барања за менување на македонскиот устав и оние од албанскиот политички фактор се практично на иста линија, што води до своевидно потиснување на државотворниот статус на македонскиот народ во својата матична држава Македонија, смета академик Катица Ќулавкова.
– Не смеат да се случат измени на македонскиот устав само заради бугарските барања и албанските амбиции за федерализација на Македонија. Самото отворање на Уставот за внесување на Бугарите во преамбулата, значи отворена можност за сите идеи и барања, кои сѐ погласно се артикулираат во јавниот простор од претставниците на албанскиот политички блок. Сите овие идеи за менување на македонскиот устав и редефинирање на уставноправниот систем се дел од една хибридна војна на штета на Македонците – вели академик Катица Ќулавкова.
Универзитетскиот професор по уставно право и поранешен претседател на Собранието, Саво Климовски, смета дека предлогот за дводомен парламент е неиздржан и неприфатлив, но за потребата од нов текст на Уставот треба да се размислува, и тоа во насока на зацврстување на државотворниот статус на македонскиот народ.