Западните медиуми, во контекст на нивната проекција за капацитетот на евентуалниот воен судир на Блискиот Исток меѓу Иран и Израел, се осврнуваат и на меѓународната поддршка за едната и за другата страна, издвојувајќи и држави и организации што би се ставиле на страната на едните или на другите во конфликтот. Во тој контекст, од пишувањата во странскиот печат ги издвојуваме сојузниците на Иран и сојузниците на Израел
За сојузниците на потенцијално завојуваните страни
1. Сојузници на Иран
Најважните сојузници на Иран се шиитските милитантни групи во Либан, Јемен, Ирак и во Сирија, кои го поддржуваат со финансиски средства, оружје и обука. Од сите групи, Хезболах сигурно ќе ја има најзначајната улога во директен конфликт меѓу двете земји, со оглед на богатото искуство што го има ова движење во борбата против израелската армија.
Покрај тоа, арсеналот на Хезболах содржи повеќе од 70.000 ракети и проектили, вклучувајќи прецизно наведувани и ракети со долг дострел, пишува „Блумберг“ повикувајќи се на податоци од израелските разузнавачки служби.
Јеменските Хути, најверојатно, би биле желни да учествуваат во поголема војна, бидејќи од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, покрај нападот на комерцијалниот брод во Црвено Море, тие лансираа балистички ракети и беспилотни летала кон Израел.
Што се однесува до државите во регионот, светските медиуми пишуваат дека единствен сојузник на Иран е Сирија, но дека владата на претседателот Башар ал Асад веројатно нема премногу да влијае на текот на конфликтот, бидејќи сè уште се обидува да воспостави контрола над целата земја.
Покрај Сирија, Иран има добри односи и со Русија и Кина, иако тешко дека овие две земји директно ќе се вклучат во конфликт со Израел.
2. Сојузници на Израел
Израел на своја страна ги има САД и Велика Британија, а познато е дека авионите на двете земји пресретнале и уништиле дел од ракетите и беспилотните летала што Иран ги лансираше во април. Очекувајќи уште еден ирански напад врз Израел, американската војска најави чекори за зајакнување на своето присуство на Блискиот Исток и испраќање дополнителни бродови, борбени авиони и бродови способни за одбрана од балистички проектили.
Кога станува збор за другите арапски држави, светските медиуми потсетуваат дека иако четири земји (Бахреин, Обединетите Арапски емирати (ОАЕ), Судан и Мароко) имаат склучено договори за нормализација на односите со Израел, т.е. Аврамски договори, малку е веројатно дека некоја арапска земја би застанала на страната на Израел во конфликт против муслиманска земја, особено ако таа е моќна како Иран. Р.С.