Во Франција се зголемува бројот на компании што доброволно се затвораат, што е поттикнато од трошоците за енергија, недостигот од работна сила и од климатската криза, тренд што се рефлектира низ целата Европска Унија… Во Франција, по растот на БДП од 2,2 отсто во 2022 година, француската централна банка очекува само 1,2 отсто во 2023 година, што е 0,7 процентни поени помалку отколку во 2019 година, пред пандемијата. Без конкретна владина интервенција до јануари 2023 година, сметките за енергија најверојатно ќе се зголемат за бизнисите, што практично го осакатува економското закрепнување…
Енергетската неизвесност ги тера Французите да стават клуч на многу бизниси
Соочени со неизвесна иднина, а сè уште се под притисок на влијанието на пандемијата, многу сопственици на бизниси во Франција се одлучуваат да ги намалат своите загуби сега и да го затворат бизнисот, наместо да ризикуваат да се соочат со поголеми проблеми понатаму. Според официјалните податоци на француските трговски судови, во првата половина на 2022 година, 183.530 француски компании се затворија, што претставува зголемување од 35 отсто во споредба со истиот период минатата година и 40 отсто зголемување од 2020 година.
Подобро да се затвори навреме, отколку да се зажали подоцна?!
Жан-Гилем Даре, генерален делегат на синдикатот за самовработени и за мали и средни претпријатија (СДИ), за „Еурактив“ објасни дека сè повеќе претприемачи, особено во малите бизниси, не се сигурни за иднината. Соочени со претстојната енергетска и економска криза, според него, многумина одлучуваат да се откажат пред да биде предоцна. Патрик Сегуин, претседател на Стопанската комора на Жиронд (ЦЦИ), рече дека луѓето што му ставаат клуч на својот бизнис повеќе не го разбираат светот во кој живеат, помеѓу пандемијата, конфликтот во Украина и климатската криза.
Предвидувањата за економската состојба се песимистички. По растот на БДП од 2,2 отсто во 2022 година, француската централна банка очекува само 1,2 отсто во 2023 година, што е 0,7 процентни поени помалку отколку во 2019 година, пред пандемијата. Без конкретна владина интервенција до јануари 2023 година, сметките за енергија најверојатно ќе се зголемат за бизнисите, што практично го осакатува економското закрепнување. Ова е во прилог на обврската што сега ја имаат многу мали и средни претпријатија да почнат да ги враќаат заемите што ги гарантира државата. Медиумите во август објавија процена дека 20-30 отсто од малите и средните претпријатија, или помеѓу 120.000 и 180.000 бизниси, се во ризик од банкрот во рок од шест до осум месеци.
Уште еден суштински проблем е недостигот од стручни работници
Борбата за регрутирање стручни работници исто така е дел од причините зошто многу претприемачи сакаат да ги затворат бизнисите. Тоа е еден од главните двигатели што го објаснуваат континуираниот пад на деловната доверба веќе шести последователен месец, според најновото истражување на Генералниот директорат за економски и финансиски прашања на Европската комисија (ЕЦФИН).
Герхард Хумер, директор за економски прашања во „СМЕ јунајтед“, јасно истакнува дека постои недостиг од квалификувана работна сила, особено во услужниот сектор. Хумер вели дека проблемот е што голем дел од работната сила од Источна Европа, која замина за време на пандемијата, никогаш не се врати во Западна Европа. Тоа го покажа и последното деловно истражување на Конфедерацијата на мали и средни компании, објавено во јули. Од 51 отсто од компаниите што бараат да вработат работници, на 94 отсто од нив им е тешко да го регрутираат вистинскиот профил на работник. Еден од четворица менаџери се соочува со висок одлив на работници, а главна причина за тоа е желбата на вработените да се посветат на нешто друго освен на нивниот професионален живот.
Новосоздадените бизниси за време на пандемијата изложени на најголем удар
Внатрешното соопштение од францускиот синдикат на работодавци ЦПМЕ, до кое „Еурактив“ доби ексклузивен пристап, дополнително покажува дека иако бројот на затворања на бизнисите значително се зголемил, истото тоа важи и за бројот на отворање нови фирми, 1,5 милион во изминатите две години, што е историски број. Во соопштението се додава дека постои значителна загуба на фирми, што сугерира дека новосоздадените бизниси едноставно се помалку економски одржливи, особено во секторот за испорака на храна.
Ова особено важи за самовработените. Жан-Уд ду Менил, генерален секретар на Конфедерацијата на мали и средни претпријатија, истакнува дека многу самовработени претприемачи започнаа сопствен бизнис во текот на кризата со пандемијата без да развијат одржлив бизнис-модел. Тома Денфер, претседател на Националниот совет на службеници во трговските судови, се согласува со неговиот став и додава дека постојат многу индивидуални претприемачи што се обидоа да влезат во секторот за испорака на храна за време на пандемијата, но тоа се нестабилни сектори, а компаниите не успеваат да се одржат.
Оваа реалност постои и на ниво на цела Европска Унија. Иако Европската комисија нема конкретни податоци за доброволно затворање, 80 отсто од затворањата во 2021 година доаѓаат од бизниси без вработени, што сугерира дека оние што се самовработени за време на пандемијата ги оставаат своите претприемачки денови зад себе.