Лидерите на Франција, Германија, Италија и Романија ги обиколија урнатините на зградите во украинскиот град Ирпин за да ја покажат поддршката што Киев се надева дека ќе се претвори во конкретни потези.
Градот што имаше 62.000 жители пред војната, беше едно од жариштата на борбите со руските сили пред нивното повлекување северна Украина за да се фокусираат на истокот на земјата.
Украински функционер им објасни на францускиот претседател Емануел Макрон, на германскиот канцелар Олаф Шолц, на италијанскиот премиер Марио Драги и на романскиот претседател Клаус Јоханис што се случува во разурнатиот град. Четворицата европски челници беа во одела, навидум без никаква заштитна опрема, но беа опкружени со вооружени војници.
– Тоа е херојски град, обележан со стигма на варварство – изјавил Макрон за новинарите, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Откако видел натпис на ѕидот „Создавајте ја Европа, а не војна“, Макрон порачал дека тоа е многу трогателно и оти тоа е вистинската порака.
Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, не пристигна во Ирпин, а со четворицата лидери ќе се сретне во текот на денот. Претходно, пред да се симне од возот во Киев, по целоноќното патување со воз од Полска, Макрон рече дека тоа е важен момент.
– На Украинците им испраќаме порака за единство, поддршка, разговори за сегашноста и иднината, бидејќи следните недели, како што знаеме, ќе бидат многу тешки – рече францускиот претседател.
Украина тврди дека Русија извршила масовни воени злосторства во Ирпин, што Москва го отфрла.
Медведев: Посетата на Макрон, Шолц и Драги нема да ја приближи Украина до мирот
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев изјави дека посетата на Емануел Макрон, Олаф Шолц и Марио Драги на Киев е „бескорисна“.
Поранешниот руски претседател на Твитер напиша дека посетата на Макрон, Шолц и Драги „нема да ја приближи Украина до мирот“.
Претходно, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека се надева отитројцата европски лидери при посетата на Киев нема да разговараат само за снабдување на Украина со оружје, туку дека ќе го „натераат претседателот на Украина, Зеленски реално да ги согледа работите“.