Tanker
Фото: ЕПА/илустрација

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт-Раванчи, ги отфрли тврдењата дека Техеран поставува морски мини во Ормуски Теснец. Неговата изјава следува неколку дена откако САД соопштија дека погодиле пловила опремени за поставување мини кои се движеле во близина на овој важен поморски канал.

Во изјава за Agence France-Presse, пренесена од „Би-би-си“, Тахт-Раванчи нагласи дека Иран соработувал со одредени држави во врска со поминувањето низ теснецот.

– Некои земји веќе разговараа со нас за минување низ теснецот и ние соработувавме со нив – изјави тој.

Сепак, иранскиот дипломат предупреди дека државите кои, како што рече, се „приклучиле на агресијата“ против Иран не треба да очекуваат да имаат корист од безбедното поминување низ оваа стратешка морска рута. Тој додаде дека иранските власти сакаат да спречат повторно наметнување на војна врз земјата.

– Кога започна војната минатиот јуни, по 12 дена беше постигнат таканаречен прекин на непријателствата, но по осум или девет месеци тие повторно се прегрупираа и го направија истото – рече Тахт-Раванчи.