Лондон – Велика Британија влезе во најдлабока рецесија откако вчерашните податоци покажаа дека нејзината економија се намалила повеќе отколку на која било друга земја од Г7 за време на појавата на коронавирусот во трите месеци до јуни, соопшти Канцеларијата за национална статистика (ОНС). Според ОНС, бруто-домашниот производ паднал во вториот квартал за 20,4 отсто спореден со претходните три месеци што е најголем квартален пад откога започнале компаративните записи во 1955 година.
Минск – Во Белорусија продолжија постизборните протести, и покрај тоа што кандидатката за претседател Свјатлана Циханускаја замина за Литванија и проширената владина акција против опозицијата. Во меѓувреме полицијата и безбедносните сили користеа солзавец, гумени куршуми и зашеметувачки гранати за да ги растераат демонстрантите во главниот град Минск. Притоа биле приведени повеќе демонстранти, јави „Ројтерс“.
Брисел – Носењето заштитна маска за лице од вчера е задолжително во Брисел, пренесуваат белгиските медиуми. Мерката е донесена поради зголемениот број заразени со коронавирусот. Во текот на минатата недела во белгиската престолнина во просек дневно беа регистрирани по 50 новозаразени на 100.000 жители, што ја принуди градската власт да наложи носење маска на сите јавни места во градот, што значи и во паркови и на улица.
Вашингтон – Социјалната мрежа Фејсбук отстрани седум милиони објави во второто тримесечје од оваа година, како резултат на споделувањето лажни информации за новиот коронавирус, вклучувајќи и содржина што промовирала лажни превентивни мерки и лекови, пренесува „Ројтерс“. Објавените податоци се дел од шестиот извештај за усогласеност со стандардите на однесување на социјалната мрежа, воведен во 2018 година, заедно со построги правила за пристојност, по критиките дека компанијата е блага во контролата на содржината на своите платформи.