Вашингтон – Во САД се регистрирани 45.242 нови случаи на ковид-19, што е најголемо дневно зголемување на бројот на заболени. Вкупниот број на случаи од почетокот на епидемијата достигна 2,48 милиони, јави Си-ен-ен. Рекордниот број нови случаи следува откако неколку држави ги олеснија ограничувања за да им се овозможи на помалите бизниси да продолжат да работат. Но сега со зголемувањето на бројот на заболените, некои сојузни држави повторно ги враќаат мерките.
Берлин – По зголемувањето на невработеноста поради кризата со коронавирусот, владејачката ЦДУ/ЦСУ во Германија, планира да ја намали натамошната миграција на трудот врз основа на одлуката од 2016 година за бенефиции за граѓаните од Западен Балкан, пренесува АП.
Работните групи на германските партии се договориле да ги прошират придобивките, кои истекуваат на крајот на годината, за две години, но и да ја намалат можноста тие да бидат искористени од страна на неквалификуваните работници.
Вашингтон – Белата куќа негира дека американскиот претседател Доналд Трамп бил брифиран за извештајот на американските разузнавачи во кој се наведува дека руското воено разузнавање им нудело пари на милитантите поврзани со талибанците за убиства на американските војници во Авганистан. Од Белата куќа наведуваат дека за тоа не биле брифирани ниту претседателот Трамп, ниту потпретседателот Мајк Пенс.
Варшава – Гласачите во Полска викендов излегоа на гласачките места за да се изјаснат на претседателските избори на кои конзервативниот политичар Анджеј Дуда бара да добие втор петгодишен мандат, јави Евроњуз. Се очекува Дуда да поведе на првиот круг од изборите, но потежок се очекува да биде за него вториот круг гласање. Според досегашните анкети, Дуда би освоил 41 отсто од гласовите, што не е доволно за да победи во првиот круг. Градоначалникот на Варшава Рафак Трзасковски е главниот негов опонент.