Кембриџ – Анализата на американските универзитети Харвард, МИТ и други институции ја потврди претпоставката дека високите температури влијаат врз ковид-19, што вирусот го прави сезонски. Научниците проучувале 3.739 локации низ целиот свет и заклучиле дека просечните температури од над 25 степени значително го намалуваат ризикот од зараза. Тие, меѓутоа, предупредуваат дека летото нема целосно да ја запре пандемијата, што значи дека се очекува бројот на инфекции да се зголемат наесен и да има втор бран.
Берлин – Сѐ повеќе претставници на германската власт ги демантираат гласините според кои се планира задолжителна вакцинација против коронавирус, пишува „Дојче веле“. Единствена задолжителна вакцина е против морбили, а ни во овој случај Уставниот суд сѐ уште не го кажал своето. Шефот на државниот институт „Роберт Кох“, Лотар Вилер, смета дека не е неопходно задолжителна вакцинација против актуелниот коронавирус.
Варшава – Поглаварот на Римокатоличката црква во Полска, Војчех Полак, го повика Ватикан да го истражи наводното прикривање сексуална злоупотреба на деца од свештеници откако гледал документарец за наводните жртви на свештеник што бил заштитен од епископ. Документарниот филм „Играј, скриј се и трагај“ беше емитуван на 16 мај и во него е прикажано како епископ не успеал да постапи против свештениците за кои се знаело дека малтретирале деца.
Вашингтон – Бившиот американски претседател Барак Обама упати критика до лидерите на земјата за нивниот одговор на пандемијата на коронавирусот. Според него, многу од нив не се ни преправаат дека се одговорни. Обама не го именуваше актуелниот претседател Доналд Трамп или други официјални лица, но неговите коментари беа протолкувани како индиректна критика на сегашната администрација.