Отава – Трагичниот биланс на најсмртоносното масовно пукање во историјата на Канада порасна на 22 убиени, додека полицијата и натаму се обидува да го открие мотивот на 51-годишниот напаѓач, чиј поход во провинцијата Нова Шкотска во понеделникот траеше 14 часа, јави „Си-ен-ен“. Меѓу убиените се 17-годишник, бремена здравствена работничка и искусна полицајка. Засега нема информации што го мотивирало Габриел Вортман да тргне во својот поход или како ги избирал жртвите. Се верува дека Вортман тргнал во поход со одредена цел, а потоа почнал да убива напамет.
Ватикан – Папата Франциск ја повика Европа да остане обединета во надминувањето на последиците од пандемијата на коронавирусот. Пред самитот на ЕУ за пакетот економска помош, папата Франциск ја повика Европа да го одржи единството за кое сонуваа основачите на ЕУ, пренесува „Ројтерс“. Ова е вторпат во десет дена папата Франциск да изрази загриженост за Унијата, бидејќи на Велигден предупреди дека ЕУ ризикува да пропадне доколку не се договори за заедничко закрепнување.
Вашингтон – Мисури е првата американска држава што ќе ја тужи Кина за справување со коронавирусот, кој првпат се појави во кинескиот град Вухан. Ставот на Мисури е дека постапките на Кина довеле до економски загуби на Америка. Генералниот обвинител на Мисури, Ерик Шмит, во вторникот поднесе тужба за наводно лошото постапување на кинеските власти, објави „Ројтерс“. Обвинителот рече дека Мисури и нејзините жители изгубиле десетици милијарди долари и бараат финансиска компензација.
Бон – Одобрено е клиничко испитување на вакцината за ковид-19 во Германија, соопшти Федералниот институт за вакцини во таа земја. Ова ќе значи дека 200 здрави луѓе на возраст меѓу 18 и 55 години ќе добијат неколку варијанти на вакцини, бидејќи научниците ја тестираат ефикасноста на обезбедување имунитет на вирусот, пишува „Индипендент“.