Вашингтон – Федералните регулатори на САД и 48 сојузни држави и области поднесоа две одделни тужби за монопол против „Фејсбук“. Двојните тужби, поднесени од Федералната комисија за трговија и коалицијата на јавни обвинители, предводени од Њујорк, го обвинуваат гигантот на социјалните медиуми за антиконкурентско однесување. Поточно, во тужбите се бара судот да го принуди „Фејсбук“ да ги продаде Инстаграм и Ватсап, кои технолошкиот гигант ги купи во 2012, односно во 2014 година. Исто така, се бара да му се забрани на „Фејсбук“ да бара од малите компании на својата платформа да не се натпреваруваат со него.
Минск – Белорусија ќе ги затвори копнените граници за своите граѓани до крајот на овој месец како дел од мерките во борбата против ковид-19, соопшти Владата. Одлуката за затворање на границите ќе им забрани на жителите на Белорусија да патуваат доколку патувањето не е за деловна активност или за студирање, а забраната ќе стапи во сила десет дена по објавувањето на одлуката, јавија локалните медиуми.
Лондон – Британскиот премиер, Борис Џонсон, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, утврдија претстојниот викенд да биде краен рок за надминување на разликите во разговорите за трговија меѓу двете страни. Нивната средба во Брисел неделава заврши без резолуција за разликите околу правата на риболов, правилата за фер трговија и како ќе се спроведува договорот по брегзит. Фон дер Лејен рече дека двете страни „остануваат далеку“. Таа додаде дека тимовите за преговори на ЕУ и Британија ќе се состанат повторно за „решавање на овие суштински прашања“ и ќе донесат одлука до крајниот рок, на 13 декември.
Москва – Бродовите на руската морнарица во февруари 2021 година, во близината на Карачи, ќе одржат заеднички воени вежби со земјите од НАТО, вклучувајќи ги САД и Велика Британија првпат по десет години, соопшти вчера прес-службата на руската црноморска флота. Покрај бродовите на пакистанската и руската морнарица, во вежбите ќе учествуваат американската морнарица, кралската морнарица на Велика Британија, морнарицата на Кина, морнаричките јапонски самоодбранбени сили, како и турската морнарица.