Пекинг – Кина го престигна светот и го лансира во вселената првиот 6Г-сателит, за да ја тестира оваа технологија, објавија тамошните медиуми. Како што изјави Шју Јангшенг, професор на Кинеската академија за инженери, експерименталниот 6Г-сателит ќе ја испита терахерц комуникациската технологија во вселената, што е прв таков тест. Оваа технологија ќе биде еден од основните елементи на шестата генерација комуникации и се очекува да биде повеќе од 100 пати побрза од 5Г.
Лондон – Моменталната глобална неизвесност и вознемиреност предизвикана од економската криза, како резултат на пандемијата на коронавирусот, може да го зголемат ризикот од нова светска војна, предупреди командантот на британските вооружени сили. Во интервју објавено по повод Денот на сеќавањето, годишно одбележување на споменот на убиените и ранетите во судирите, командантот на британските одбранбени сили Ник Картер рече дека зголемувањето на регионалните тензии и погрешните процени може да доведат до широк конфликт.
Кабул – Поранешниот водител на авганистанската телевизија Толо, Јами Сиаваш, загина со уште две лица, откако експлодира неговиот автомобил во кој била поставена бомба. Кабулската полиција објави дека истрагата е во тек, дека идентитетот на другите двајца убиени цивили сè уште не е познат, како и дека никој не ја презеде одговорноста за овој атентат, пренесе АП.
Лондон – Фармацевтскиот гигант „Астра зенека“ најави дека неговата можна вакцина против ковид-19, што ја развива заедно со универзитетот „Оксфорд“, би можела да стане достапна за употреба на крајот на следниот месец. Вакцината на „Астра зенека“ и на „Оксфорд“ важи за најнапредна меѓу десетици кандидати што се развиваат низ светот. Вакцината влезе во третата фаза од тестирање во септември. Европска Унија, САД, Велика Британија, Јапонија и Бразил веќе потпишаа првични договори со „Астра зенека“ за снабдување со вакцината.