Белорусија – Десетици демонстранти беа приведени на протестите во Белорусија против реизборот на претседателот Александар Лукашенко. Најмалку 10.000 демонстранти учествуваа на „Маршот на жените“ во Минск. Тие побараа ослободување на затворената лидерка на опозицијата, Марија Колесникова, и го повикаа претседателот Александар Лукашенко да се повлече од функцијата.
Турција – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му се закани на францускиот колега, Емануел Макрон, и му порача дека ќе има уште многу мака со него.
– Вие не ја знаете историјата. Не ја знаете ниту историјата на Франција. Затоа, не занимавајте се со турскиот народ и не занимавајте се со Турција. Не можете да ни држите предавања за човештво – рече тој.
Претходно Макрон кажа дека Европа треба да биде јасна и гласна кон владата на Ердоган поради нејзините потези. Франција и Турција, двете членки на НАТО, спорат за ембаргото на оружје во Либија и ситуацијата во источниот Медитеран, каде што Париз е на страната на Грција ина Кипар.
Либија – Либискиот командант Калифа Хафтар вети дека ќе стави крај на повеќемесечната блокада на енергетскиот сектор најдоцна до 12 септември, но нафтените пристаништа и полиња остануваат затворени, се вели во соопштението на американската амбасада во таа земја. Командантот на либиската национална армија Калифа Хафтар и неговите приврзаници воведоа блокада во јануари, со што производството на нафта во земјата се намали од над милион барели на ден на под 100.000.
Франција – Француските здравствени власти во саботата пријавија нови 10.561 потврден случај со коронавирус во изминатите 24 часа, што претставува нов дневен рекорд, бидејќи бројот првпат надмина 10.000. Порастот ја натера Владата да претстави дополнителни мерки во петокот за да се избегне враќање на општата блокада поставена на почетокот на годината.