Фото: Лукашенко/Интернет-страница на белорускиот претседател

Белорускиот претседател Александар Лукашенко потпиша указ за повикување резервни офицери во воена служба, соопшти денеска неговата прес-служба.

„Документот предвидува во 2023 година во вооружените сили да бидат регрутирани до 230 граѓани од машки пол на возраст до 27 години, а во службата за гранична стража до 20 лица кои ги завршиле соодветните програми за обука на резервни офицери во воените оддели или факултети, имаат воен стаж офицер и се запишани во резерва“, се посочува во соопштението.

Според прес-службата на Лукашенко, спроведувањето на указот „ќе го зголеми нивото на екипираност на главните офицерски должности во вооружените сили и ќе обезбеди квалитетна обука на мобилизациската резерва“.

Во соопштението се наведува и дека активностите предвидени во указот се спроведуваат во вооружените сили на планска основа на годишно ниво.