Црвениот крст ја опиша како катастрофална ситуацијата во Мариупол, украинскиот пристанишен град кој е под опсада на руските сили.
Во Мариупол со денови паѓаат бомби и гранати, а Русите вчера ги бомбардираа родилиштето и детската болница во Мариупол, јавуваат светските агенции.
Саша Волков, шеф на делегацијата на Црвениот крст во Мариупол, рече дека добива извештаи оти резервите на храна и вода се на „опасно ниско ниво“. Во аудиопорака снимена вчера, Волков вели дека „многу семејства веќе немаат храна за своите деца“.
Тој додаде дека „има еден вид црн пазар за зеленчук“, но „месо не може да се најде никаде“. Резервите на лекови се при крај, рече Волков, додавајќи дека „градските аптеки се ограбени пред четири до пет дена“. Некои болници, сепак, сè уште работат.
– Луѓето почнаа да се разболуваат од влажноста и студот. Недостигаат лекови, особено за дијабетичарите и за оние кои боледуваат од рак. Но, не постои никаков начин овие лекови да се најдат во градот – рече Волков.