Фото: Енергоатом

Локален прекин на огнот стапи во сила денеска во областа околу Нуклеарна централа Запорожје во југоисточна Украина, со цел да се овозможат поправки на оштетената електроенергетска инфраструктура, соопштија руски претставници.

Централата, која од почетокот на војната е под руска контрола, во моментов не произведува електрична енергија. Таа се потпира на надворешно напојување за ладење на нуклеарното гориво и одржување на безбедноста, со цел да се избегне сериозен инцидент.

Генералниот директор на руската државна корпорација Росатом, Алексеј Лихачев, изјави дека локалниот режим на прекин на огнот започнал утрово во 7 часот по московско време.

Според него, примирјето ќе им овозможи на екипите, вклучително и експерти од Росатом, да ги санираат далноводите кон централата, кои биле оштетени во гранатирање на 10 февруари. Лихачев ја обвини украинската армија за нападот.

Тој додаде дека поправките се очекува да траат најмалку една недела.

Во изминатиот период, Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за загрозување на безбедноста на објектот поради воени активности во негова близина.