Британската премиерка Лиз Трас се повлече само по шест недели откако беше назначена. По оставката на министерката за внатрешни работи Суела Брејверман и хаотичниот ден во Вестминстер, политичкиот пад на Лиз Трас веќе стана прашање на часови, а не на денови. Во раните попладневни часови таа ја соопшти својата одлука за повлекување
Денови на институционален хаос во Лондон
Лиз Трас поднесе оставка како премиерка на Велика Британија, разочарана што нејзината економска програма ги шокира пазарите и ја подели нејзината Конзервативна партија само шест недели откако беше назначена. Со ова Трас стана најкраткотрајниот британски премиер. Таа беше на функцијата само 45 дена. Вториот премиер со најкраток стаж е Џорџ Канинг, кој служел 119 дена пред да умре во 1827 година.
Зборувајќи пред нејзината канцеларија број 10 на Даунинг стрит во Лондон, Трас прифати дека не може да ги исполни ветувањата што ги дала кога се кандидирала за лидерка на конзервативците, бидејќи ја изгубила довербата во својата партија.
– Признавам дека, со оглед на ситуацијата, не можам да имам резултати во мандатот за кој бев избрана од Конзервативната партија. Затоа разговарав со неговото височество кралот, за да го известам дека поднесувам оставка како лидерка на Конзервативната партија – рече таа.
Изборите за нов лидер ќе бидат завршени во текот на идната недела.
– Утрово се сретнав со претседателот на Комитетот, сер Греам Брејди. Се договоривме дека изборите за лидер ќе бидат завршени во текот на следната недела. Тоа ќе осигури одржување на економската стабилност и националната безбедност на нашата земја – додаде Трас.
Според Би-би-си, проблемите за нејзината влада започнале кога нејзиниот прв канцелар, Кваси Квартенг, ги заплаши финансиските пазари со својот мини-буџет на 23 септември. Оттогаш, вознемиреностa кај конзервативците се претвори во широкораспространет гнев во партијата.
Министерката за внатрешни работи „повлече нога“
Опозицијата во британскиот парламент деновиве бараше оставка од премиерката Лиз Трас, а таа одговори дека знае да се бори и не е од оние што бегаат. Се чинеше дека ситуацијата малку се смири откако премиерката предизвика финансиски хаос со планираните даночни олеснувања, но набргу потоа следуваше нов шок. Министерката за внатрешни работи Суела Брејверман поднесе оставка. Во своето образложение таа наведе дека документите на Владата ги праќала од приватна имејл-адреса, па ја презеде одговорноста за ова прекршување на правилата. Во образложението таа потоа додава: „Да се преправаме дека не сме згрешиле и да продолжиме понатаму како да не може секој да види дека сме ја направиле таа грешка и да се надеваме дека работите магично ќе се поправат, не е сериозна политика. Не бев во право, ја преземам одговорноста. Поднесувам оставка“.
Многумина го протолкуваа ова како отровна стрела против премиерката, која во тој момент не поднесе оставка поради колапсот на нејзината финансиска политика, туку го жртвуваше министерот за финансии. Во вториот дел од писмото, Брејверман е уште поотворена против Трас, кога вели дека е загрижена за курсот на Владата, бидејќи таа ги изневерила важните ветувања и се збогувала со предизборната програма.
Пред нејзината политичка кариера, Суела Брејверман ја извршуваше функцијата државна правобранителка и ѝ припаѓа на екстремната десница на партијата. Таа се залага за безмилосно депортирање на мигрантите. Во Лондон се шпекулира и дека Трас и Брејверман зад сцената се расправале за имиграциската политика. За својата програма за економски раст, Трас сакаше надворешна работна сила, за Браверман тоа не доаѓа предвид.
Нов министер на нејзино место требаше да биде поранешниот министер за транспорт Грант Шепс. Тој го поддржа конкурентот на премиерот, Риши Сунак, на конзервативните избори за премиерската номинација. Шепс призна дека власта минува низ тежок период.
Проработеа и „камшиците“?
Но денот уште не беше завршен, а Лондон го потресе ново бранување. Долниот дом во Парламентот гласаше за забрана на експлоатацијата на гас од подлабоките слоеви на земјата. Додуша, предлогот на опозициската Лабуристичка партија беше одбиен, но многу конзервативци, и покрај својата волја, гласаа против предлогот.
Голем број конзервативни пратеници беа воздржани од гласањето. Се чини дека таканаречените „камшици“, пратениците што се задолжени за пратеничката дисциплина, навистина принудија некои пратеници да гласаат. Лабуристичкиот пратеник Крис Брајант рече дека конзервативните пратеници не можат да гласаат слободно. Тој на пленумот рече: „Видов физички тепања и обиди за заплашување“. Слични сцени беа опишани и на Твитер. Министерот за економија Џејкоб Рис-Мог ги негираше таквите толкувања.
До гласањето не беше целосно јасно дали од аспект на конзервативците станува збор за гласање доверба на премиерот. Ако навистина беше така, пратениците што не сакаа да гласаат можеше да очекуваат исклучување од пратеничкиот клуб. Неколку часа по гласањето се појавија гласини дека шефицата на „камшиците“, Венди Мортон, и нејзиниот заменик Крег Витакер поднеле оставки. Доцна во ноќта Владата демантира.
Портпаролот на Долниот дом има намера да ги разгледа процедурите за гласање. Долгогодишниот конзервативен пратеник Чарлс Вокер ја изнесе на Би-би-си својата вознемиреност:
– Имавме неколку луди денови во врска со брегзит, но никогаш порано не сум имал ваков. За тоа нема извинување, срамота, страшно. Многу сум лут затоа што оваа влада ѝ наштети на партијата, прекуглава ми е – рече Вокер.
По хаотичниот ден во Вестминстер, политичкиот пад на Лиз Трас веќе стана прашање на часови, а не на денови. Во раните попладневни часови таа ја соопшти својата одлука за повлекување.
Сега пратеничкиот клуб е во дилема кој и во каква процедура ќе ја замени. Сѐ погласни се повиците за организирање вонредни избори. Но во време кога нивната популарност е за 30 проценти помала од лабуристите, тоа не е опција за конзервативците.
Подготвил: Mарјан Велевски