Лидерот на Исламската држава (ИД), Абу Ибрахим ал Хашими ал Курајши, е убиен во антитерористичка мисија во Сирија, соопшти американскиот претседател Џо Бајден, а пренесуваат светските медиуми.
– Американските специјални сили успешно спроведоа антитерористичка мисија во северозападна Сирија, при што беше убиен водачот на ИСИС Абу Ибрахим ал Хашими ал Курајши – рече Бајден.
Американската војска синоќа изврши антитерористичка мисија во Сирија, при што Пентагон соопшти дека нема американски жртви.
Британски „Скај њуз“ објави дека Абу Ибрахим ал Хашими ал Курајши активирал бомба кога била извршена рација на неговата куќа во провинцијата Идлиб. Притоа се убил себеси и членовите на неговото семејство.
Жителите на северозападниот град Атмех и бунтовниците кои се борат против сириската влада претходно известиле за неколку цивилни жртви во двочасовната операција.
– Американските сили за специјални операции под Централна команда вечерва изведоа антитерористичка мисија во северозападна Сирија. Мисијата беше успешна. Немаше американски жртви – изјави портпаролот на американската војска.
Жителите на Атмех велат дека операцијата се одвивала околу полноќ во густо населена област на границата со Турција, каде што десетици илјади сириски бегалци живеат во импровизирани сместувања.
Жителите слушнале размена на оган, што значи дека имало отпор кон акцијата. Еден Сириец за „Ројтерс“ изјавил дека неколку луѓе се убиени во операцијата, додека друг тврди дека спасувачките служби извлекле најмалку 12 тела од урната станбена зграда, меѓу кои има жени и деца.
За време на операцијата принудно слетал еден американски хеликоптер, кој подоцна бил уништен од американските авиони, пишува „Њујорк Тајмс“.
– Видеата од местото на настанот покажуваат како луѓе извлекуваат тела на најмалку девет мажи, жени и деца од урнатините на куќата – изјави Чарлс Листер, директор на Програмата за борба против тероризмот.