Започна самитот на БРИКС во Бразил
Лидерите на БРИКС, групата од 11 големи земји во развој, вклучувајќи ги Бразил, Кина, Индија, Русија и Јужна Африка, го одржуваат својот годишен самит вчера и денес под високи безбедносни мерки во заливот Ганабара во Рио, Бразил.
Според нацрт-верзијата на конечната изјава, тие ќе изразат сериозна загриженост за „зголемувањето на едностраните тарифни и нетарифни обременувања што влијаат на трговијата“. Според тој документ, кој сè уште може да претрпи измени за време на самитот, токму ваквите мерки се закануваат да „влијаат на перспективата на економскиот развој во светот“.
БРИКС, кој претставува речиси половина од светската популација и 40 проценти од БДП на планетата, со овие зборови во документот јасно вперува прст кон американскиот претседател и неговите новововедени високи царински тарифи. Но интересна за издвојување е информацијата дека во нацрт- завршниот документ, Доналд Трамп не се споменува по име (во време кога голем број земји, вклучувајќи и членки на БРИКС, се во тековни преговори со Вашингтон заради намалување на царинските тарифи).
Натаму, дел од дискусијата на дводневниот самит се фокусира и на вештачката интелигенција и на фактот дека големите технолошки фирми, претежно со седиште во богатите земји, не одговорија на повиците за „плаќање авторски права за материјал што се користи за обука на модели на вештачка интелигенција“. Претставниците на БРИКС се согласија на оваа тема да објават заедничка декларација на крајот од самитот во Рио де Жанеиро.
Инаку, на самитот на БРИКС за првпат отсуствува кинескиот претседател Си Џинпинг, и покрај тоа што неговата земја е доминантна сила во групата. Рускиот претседател Владимир Путин, за кого е издадена потерница од Меѓународниот кривичен суд (МКС), исто така нема да биде присутен. Но, Кремљ потврди во јавноста дека Путин сепак ќе зборува на самитот, преку видеоконференциска врска.
На состанокот се очекува да се дискутира, меѓу другото, за неодамнешната 12-дневна војна меѓу Иран и Израел. На самитот е постигнат консензус за тоа како да го споменат тоа во конечниот документ. Иран, член од 2023 година, по 12-дневната војна со Израел и САД, сакаше БРИКС да го заостри тонот во завршната изјава.
Но, документот ќе содржи сличен текст како и соопштението што групата го издаде кон крајот на јуни. Земјите во развој потоа ги осудија „воените напади“ врз Иран, сметајќи дека е потребно „итно да се прекине циклусот на насилство и да се воспостави мир“.
Создадена за ребалансирање на светскиот поредок во корист на Глобалниот Југ наспроти Западот, групата БРИКС се прошири во последните две години и ги вклучи Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Етиопија, Иран, а потоа и Индонезија.
Бразил, кој ќе биде домаќин и на КОП30, конференцијата на ОН за климата во ноември, исто така се надева дека ќе се постигне консензус во БРИКС за борба против климатските промени.
Покрај посакуваната завршна декларација, се очекува и објавување текстови за климата, како и за вештачката интелигенција и соработката во областа на здравството.
Министрите за финансии на земјите од БРИКС веќе побараа реформа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), вклучувајќи и нова распределба на правото на глас и укинување на традицијата на европско управување со таа организација.
За потсетување, организацијата ја основаа Бразил, Русија, Индија и Кина, на кои подоцна им се придружи и Јужноафриканската Република, а Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија, ОАЕ и Аргентина станаа членки на БРИКС во 2024 година. Р.С.