Самит на НАТО во Вилнус, Литванија
Лидерите на државите-членки се собраа во Вилнус за НАТО-самитот, со цел да ги надминат разногласијата по неколку клучни прашања, но и да ја усвојат новата исклучително важна стратегија на Алијансата. Самитот ќе биде обезбедуван од ракетни батерии „патриот“ од Германија, воени авиони и огромен број припадници на безбедносните служби
Подготвил: Mарјан Велевски
Американскиот претседател Џо Бајден, турскиот претседател Таип Ердоган, германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Риши Сунак ќе бидат меѓу лидерите на држави и влади што ќе присуствуваат на самитот на НАТО во Вилнус, главниот град на Литванија. Се очекува да присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски и да изврши притисок Украина да биде примена во НАТО набргу по завршувањето на војната. Членките на НАТО во Источна Европа изразија силна поддршка за ставот на Украина, но, други, како што се САД и Германија, беа многу повнимателни, претпазливи за каков било потег за кој се плашат дека може да го вовлече НАТО во директен конфликт со Русија, што потенцијално ќе предизвика глобална војна.
– Очекувам нашите лидери да потврдат дека Украина ќе стане членка на НАТО и ќе се обединат за тоа како да ја приближат Украина до нејзината цел – изјави во петокот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, чиј мандат беше продолжен за една година пред самитот.
Војната во Украина ги поттикна Финска и Шведска да се откажат од децениското воено неврзување и да аплицираат за влез во НАТО. На самитот во Вилнус, Финска ќе присуствува на својата прва средба од ваков формат како членка.
За издвојување е дека членството на Шведска беше стопирано од Турција. Турција сѐ уште ја обвинува Шведска дека не прави доволно за да ги сузбие курдските милитанти (внатре во Шведска), но Стокхолм вели дека ги исполнил своите обврски од договорот со Анкара – став што го поддржа Столтенберг. Ердоган во петокот за Шведска рече дека Турција нема да ѝ верува на земја што е засолниште за терористи, додавајќи дека ќе ја усвои секоја одлука што е поволна за Анкара на самитот.
На самитот лидерите на НАТО, исто така, се очекува да се согласат дека сите треба да потрошат најмалку 2 отсто од националниот БДП на одбраната – надградба на ветувањето од 2014 година за придвижување кон тој број. Во моментот само 11 од 31 земја-членка на НАТО ја исполнуваат целта.
Најголемата средба на претседатели на држави и влади во историјата на земјата, литванската влада и НАТО ја штитат со 4.000 војници. Ако се додадат и полицајците и тајните служби, вкупно околу 12 илјади лица се грижат за безбедноста на дводневниот самит. Вклучен е и германскиот Бундесвер, кој привремено постави антиракетни системи од типот „патриот“. Тие уште од четвртокот се функционални, соопштија од воздухопловните сили. Вклучени се и специјални сили на Бундесверот (за кои не се соопштуваат дополнителни информации).