На повидок револуционерен изум
Обелоденувањето на некој нов технолошки изум отсекогаш било првокласна сензација и го привлекувало вниманието на пошироката јавност. Деновиве американската, но и светската јавност буквално се кренаа на нозе откако беше обелоденета најновата информација од престижната американска високообразовна институција. Имено, истражувачите од Масачусец институт оф технолоџи (МИТ) развија нов материјал, кој, како што велат, е цврст како челик, но и лесен како пластика. Лесно може да се произведува во големи количества, а се користи за разни работи; од облоги за автомобили и телефони до градежни блокови за масивни структури како што се мостовите, вели Мајкл Страно, професор по хемиско инженерство на МИТ и главен автор на новата студија.
– Обично не мислиме на пластиката како нешто што можеме да го искористиме за поддршка на зграда, но со овој материјал ќе овозможиме многу нови работи. Има многу необични својства и ние сме многу возбудени поради тоа – изјави Страно.
Материјалот е неколкупати појак од стаклото отпорно на куршуми, а количеството сила потребна за негово кршење е двојно поголема од онаа на челикот, и покрај фактот што материјалот има едвај една шестина од густината на челикот, објави МИТ.
Пластиката е пример за полимер, заедно со гумата и стаклото, а истражувачите од МИТ успеаја да создадат нов суперматеријал развивајќи нов процес за формирање полимери. Како што објаснуваат, тие сакале да видат дали можат да создадат дводимензионална верзија на полимерот што може да остане рамен, што би го направило многу лесен. Тие се обидуваат да создадат таков материјал со децении и се пофалија со новиот процес што го развија минатата недела во списанието „Нејчр“.
Полимерите се всушност синџири на поединечни молекули, наречени мономери, и се поврзани заедно со хемиски врски. Кога се формираат полимери, тие се прошируваат во тридимензионални објекти. Дури и ако еден мономер почне да ротира, полимерот станува тродимензионален. Клучот за производство на новиот материјал беше да се создаде процес што им овозможува на мономерите да се врзат и да прераснат во полимерен синџир без да „скита“ кој било од мономерите.