Американските воени експерти присутни на Минхенската безбедносна конференција, ги игнорирале најавите дека е можен украинскиот конфликт, а тој почнал седум дена подоцна

Во најновото печатено издание на „Форин полиси“, 12 експерти ги споделија своите размислувања за тоа како може да изгледа војната, како да се спречи таа и како од војната во Украина се преобликува глобалниот поредок. Меѓу оние што одговорија на овие прашања се Дејвид Петреус, поранешен директор на ЦИА и пензиониран генерал со четири ѕвезди што ги водеше операциите на САД во Ирак и Авганистан, и Ен-Мари Слотер, извршна директорка на „Нова Америка“ и поранешна директорка за политичко планирање во Стејт департментот на САД

Делови од паралелно интервју во „Форин полиси“ со 12 воени експерти во врска со украинскиот судир

Од ваша гледна точка, кои се работите што ве изненадија во оваа војна?
Ен-Мари Слотер: Бев присутна на Минхенската безбедносна конференција, како и генералот Петреус, само една недела пред да започне инвазијата. Сите зборуваа за неа. Сите Европејци со кои разговарав и половина од Американците, вклучувајќи ме и мене, рекоа дека Путин нема да ја започне и дека станува збор за огромен блеф. Меѓутоа, една недела подоцна сама си ги повлеков зборовите. Многу бев изненадена не само од нападот туку и од неговиот обем. Исто така, се изненадив и од тоа колку брзо Русите станаа заглавени.
Најголемото изненадување за мене, сепак, беше реакцијата, особено на Индија, но исто така и на Бразил и Јужна Африка – земји со кои САД активно негуваа добри односи во оваа обновена поделба, како што вели американскиот претседател Џо Бајден, меѓу демократиите и автократиите. Вложивме напори за регрутирање на Индија во „Квад“ (четиристраниот безбедносен дијалог) и во многу други разговори додека се позициониравме наспроти Кина во регионот на Пацификот. Сепак, Индија многу јасно одби да заземе страна. Таа, се разбира, сè уште купува енергија од Русија и сè уште е подготвена да купува оружје од неа. Тоа е сигнал за многу поголема промена во глобалниот поредок отколку што мислат повеќето американски и европски аналитичари.

Ова не е како Движењето на неврзаните од 20 век. Сега станува збор за еден куп важни сили, како Индија, Бразил, Јужна Африка, Здружението на земји од Југоисточна Азија, кои велат дека „тоа повеќе не е нивна војна и она за што навистина се загрижени се нивните сопствени регионални конфликти“.
Петреус: Ова го забележав за време на случувањата во Индија, особено со индискиот министер за надворешни работи Субраманијам Џаишанкар, кога тој беше секретар за надворешни работи, а исто така и амбасадор во Вашингтон. Се сеќавам на една посебна средба, на која му реков дека е време Индија да избере страна и дека со тоа што земјата е дел од „Квад“, таа мора да направи избор помеѓу Истокот и Западот. На тоа, тој ми одговори дека изборот е направен и дека Индија се избра самата себе. Ова анегдотски го доловува многу јасно она што сакаше да го каже Ен-Мари.

Какви лекции може да се научат од војната во Украина?
Петреус: Важно е да се забележи дека ова не е војна на иднината. Повеќе станува збор за враќање на Студената војна, која се вжештува. Кога бев мајор во бригадата на внатрешната германска граница, ако избувнеше војна, тогаш повеќе ќе изгледаше вака отколку што мислам дека ќе биде некоја идна војна меѓу навистина големи сили.
Гледаме елементи на футуристичка војна, но тие се доста ограничени. На пример, ги гледате прецизните ракети што ѝ ги дадовме на Украина, кои можат да погодат цел оддалечена 80 километри, а ракетниот систем за насочување проектили, познат како ХИМАРС, навистина може да направи голема разлика на бојното поле. Гледате дронови што се користат за да се овозможи тоа, како напредни набљудувачи за ракети и артилерија. Но, повторно, тоа не е вид на глобално разузнавање, надзор и извидување што би можеле да го замислиме ако сте, да речеме, во индопацифички конфликт.
Елементите на иднината што би биле драматично различни ќе бидат голем број беспилотни системи управувани од далечина или можеби дури и алгоритамски контролирани системи, каде што човекот нема да ја носи конечната одлука. Всушност, личноста што го дизајнира алгоритамот ќе ѝ овозможи на машината да ги провери условите и сама да ја донесе конечната одлука.
Има една изрека од Студената војна – „ако се гледа, може да се погоди, а ако може да се погоди, може да се убие“. Сега, замислете иднина во која сè е видливо, иднина во која имате беспилотни системи не само на земја и во воздух и во море туку и под морето и во вселената. Голем број од нив. Иднина во која, повторно, ако може да се види, може да се погоди, а ќе можете да видите сè. Мислам дека треба да бидете многу одмерени за тоа што ни кажува ова за иднината, бидејќи вистинската иднина ќе биде драматично различна од оваа.

Какво е вашето чувство за тоа како Пекинг гледа на руската војна во Украина? Што мислите, какви лекции ќе научат Кинезите од оваа војна?
Слотер: Се сомневам дека кинескиот претседател Си Џинпинг си помислува „со пријателите што ги имам, кому му требаат непријатели“. Бидејќи тоа речиси сигурно воопшто не беше она што го очекуваше Си кога тој и Путин се сретнаа на Олимпијадата пред само една година и ветија неограничено партнерство.
Чекорите на Русија ја ставија Кина во многу непријатна позиција. Сега веќе станува збор за многу непријатна врска. Тука имам прашања во врска со стратегијата на Вашингтон за демократии наспроти автократии, бидејќи ја притискаме Кина поблиску до Русија, кога, всушност, како што признаваат Европејците, има реална можност Кина да го увиди ризикот од близината со Русија во однос на санкциите и, исто така, во смисла само како нејзин поддржувач. Мислам дека треба да имаме поизразена стратегија за наоѓање начини како да допреме до Кина.
Со Тајван, никој не треба да предвидува што мисли Кина. Можете да го сметате Тајван за остров што само се бори со асиметрично но, сепак, многу ефикасно оружје за да ги зголеми ризиците за Кина, за кинеските војници и за кинеското општество. Тоа, заедно со многу ефикасен план за санкции, ќе му даде на Си причина да го промени ставот.

Зошто сајбер-просторот не играше поголема улога во војната во Украина? Дали Русите не беа толку компетентни како што замислувавме? Дали одбраната беше доволно силна? Или имаше сајбер-напади, но тие едноставно не беа толку истакнати како конвенционалната војна?
Слотер: Мислам дека станува збор за две нешта. На прво место е сајбер-командата на САД. Очекувавме дека ќе се случи тоа. Американските разузнавачи рекоа дека ќе се случи тоа и затоа ние бевме во очекување. Меѓутоа, другата поента е дека не само што бевме подготвени со нашата влада туку и со нашите големи технолошки компании, а тоа е карактеристика на оваа војна што мислам дека продолжува со фактот што секој со мобилен телефон може да помогне да се обезбедат информации што на крајот би можеле да помогнат за целите или да се соберат докази за воени злосторства. Ова е војна во која, поради технолошките можности, би можеле да бидат вклучени многу луѓе и компании. Комбинацијата на сајбер-команда и нашите приватни способности ги надминаа Русите. Воопшто не сум сигурна дека тоа би важело за Кинезите и понатаму мислам дека тоа е еден од клучните фронтови на идното војување.

Дали имате чувство дека Америка прекумерно ги користи санкциите? Дали во одреден момент тоа би можело да предизвика спротивен ефект?
Слотер: Да, постои реален ризик да ги користиме прекумерно. Секојпат кога ги користиме, не само на Кина или Русија или Иран, земјите на кои веќе применуваме санкции, туку и на сите други земји, им кажуваме: „Внимавајте ако работите преку платежниот систем на САД, ако работите преку банките во САД, ако зависите од САД за комуникација, вие сте ранливи“. Во најмала рака, тие земји работат на наоѓање алтернативни пристапи. Гледаме дека Кина го развива дигиталниот јуан. Ако сте африканска земја што размислува за тоа како да ги заштитите сопствените врски со остатокот од светот, ќе почнете да размислувате дека ви треба резервен систем. Може да имате цел глобален систем за плаќање што не поминува низ Њујорк, иако на САД им е многу тешко да размислуваат за тоа. Но мислам дека тоа беше неопходно и во однос на Русија. Искрено, Европа носи многу поголем товар од тие санкции отколку САД, бидејќи нивната трговија со Русија е многу поголема, и тоа не само енергетската.

Подготвил: Mарјан Велевски