Во Европскиот парламент (ЕП) поднесено барање за разрешување на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе биде подложена на инструментот на т.н. Парламентарен тест за доверба. Постапката ја поведе дел од суверенистите во ЕП, кои поднесоа барање за разрешување на претседателот на европската извршна власт.
Барањето беше поднесено поради одбивањето на Европската комисија (ЕК) да ја открие содржината на СМС-пораките што Фон дер Лајен ги разменила со шефот на фармацевтскиот концерн „Фајзер“ во 2021 година во врска со вакцините против ковид. Се сомнева дека претседателката на ЕК потоа преговарала „на своја рака“ со обични телефонски пораки, а во прашање биле астрономски суми. Недостигот од транспарентност во оваа исклучително сложена афера наречена „Фајзергејт“ ѝ се припишува како грев на Комисијата.
Рака на срце, со оглед на распоредот на силите во ЕП, Фон дер Лајен сигурно ќе „преживее“ на функцијата. Но самиот факт дека е поднесено барање за гласање недоверба ја покажува освестеноста, па, се разбира, и „силата на суверенистите“, која сѐ уште не е голема, ниту синхронизирана, но е во подем. Тие успеаја да соберат повеќе од десет проценти, односно 74 потписи од 720 пратеници.
Барањето го поднесе група на конзервативци и реформисти, во која главни сили се Браќата на Италија и полската партија Право и правда. Потписите ги дадоа 31 пратеник од вкупно 79 во оваа групација. Барањето го поднесе романскиот пратеник Георге Пипереа, член на партијата Алијанса за единство на Романците, чиј претседател е Џорџ е Симион, неуспешен кандидат од претходните избори во оваа земја.
Лидерката на Браќата на Италија и премиерка на Италија, Џорџа Мелони, е лута поради овој некоординиран и неусогласен обид на антилибералите.
Фактот дека еден од потпретседателите на конзервативците, Полјакот Патрик Јаки од партијата Право и правда, го потпиша барањето заедно со уште 19 члена на неговата партија покажа колку поделби владеат таму. На пример, вториот потпретседател, Италијанецот Никола Прокачини, сепак, одби да го стори тоа, објаснувајќи дека предлогот за недоверба нема директно да влијае на претседателката Фон дер Лајен, туку на целата Европска комисија, вклучително и комесарите номинирани од нивната група.
Од друга страна, потписите ги ставија некои членови на Патриоти за Европа, Европа на суверени нации и неколку неврзани членови. Но, има и некои европарламентарци од редовите на умерената десничарска Христијанско-демократска партија, на која ѝ припаѓа и самата Фон дер Лајен. Меѓу нив е и Словенецот Бранко Гримес.
Сè уште не е познато дали барањето за разрешување на Фон дер Лајен и нејзиниот кабинет на комесари ќе се гласа на пленарната седница во јули.
Во текот на своето постоење, Европската комисија досега се соочи со барања за разрешување на својот претседател пет пати, а ова ќе биде шести пат. Сите претходни обиди беа неуспешни. Дури во 1999 година, Комисијата на Жак Сантер колективно поднесе оставка пред гласање за недоверба по скандалот со француската комесарка Едит Кресон обвинета за фиктивно вработување. Р.С.