Беа потребни повеќе од 17 години, повеќе тужби и тринеделно судење, за јавноста и жртвите да ја слушнат Гизлејн Максвел, кога се обрати пред судот во Менхетн каде што вчера беше осудена на 20 години затвор за помагање на покојниот обесчестен финансиер Џефри Епстајн во организирањето на мрежа за секс-трговија, во која сексуално беа злоставувани малолетни девојки помеѓу 1994 и 2004 година, пишува „Фајненшл тајмс“, нарекувајќи го обраќањето „лебедовата песна на Максвел“.
– Ваше височество, тешко ми е да се обратам пред судот откако слушав за болката и страдањето во изјавите дадени денеска. Сакам да го признаам нивното страдање и сочувствувам длабоко со сите жртви – кажа Максвел, додавајќи дека познанството со Епстајн ќе претставува „вечна и трајна дамка“.
Таа го опиша Епстајн како „манимулативен и лукав маж“, нагласувајќи дека неговото влијание врз оние што биле блиски со него било разорно.
Судијата Алисон Нејтан, пак, нагласи дека Максвел не ја прифатила одговорноста иако го признала страдањето на жртвите. Тој смета и дека обвинетата имала тенденција за „префрлање на вината“.
– Госпоѓица Максвел не е казнета наместо Епстајн. Штетата направена врз овие млади девојки е неизмерна – порача судијата.
Ќерката на покојниот британски медиумски магнат Роберт Максвел, која се школувала на Оксфорд, беше осудена на крајот на минатата година по пет од шест точки од обвинението, меѓу кои и онаа за сексуална трговија со малолетници.
Без Максвел, немаше да постои Епстајн
Нејзините адвокати побараа од судот да биде попустлив, наведувајќи го „тешкото, трауматично детство со доминантен, нарцисоиден и познат татко“ и тврдејќи дека Максвел била неправедно казнета затоа што Епстајн избегнал судење.
Одбраната се залагаше за најмногу пет години, додека обвинителите бараа од 30 до 55 години затвор.
Максвел повреди голем број девојки, се надеваме дека веќе нема да види слобода
За време на судењето кон крајот на 2021 година, обвинителите успешно докажаа дека таа е „клучот“ во планот на Епстајн да заведува млади девојки кои потоа ќе бидат сексуално злоупотребени.
Џефри Епстајн се самоуби во притвор во 2019 година на 66-годишна возраст додека го чекаше судењето во Њујорк.