Германија воведува нова верзија на „зелена карта“ за зголемување на работната сила
Соочена со критичен недостиг од квалификувана работна сила, Германија планира да воведе своја верзија на „зелена карта“. Целта е да им се олесни влезот на работниците од земјите што се надвор од ЕУ и да се зголеми бројноста на квалификуваната работна сила, а со тоа да се запре падот на економскиот раст на земјата
Подготвил: Mарјан Велевски
Во обид да го надомести сериозниот дефицит на работна сила, германската влада воведува своја сопствена верзија на „зелена карта“. Индустриските здруженија веќе подолго време се жалат на состојбите, додека Министерството за труд упати на фактот дека кусокот на работници го забавува економскиот раст во земјата. Новата „карта за можности“, која неодамна беше претставена пред јавноста од страна на министерот за труд Хубертус Хајл, во основа ќе им понуди шанса на странските државјани да дојдат во Германија и да побараат работа, дури и без да имаат работна понуда, сè додека исполнуваат барем три од следниве четири критериуми: универзитетска диплома или професионална квалификација, професионално искуство од најмалку три години, познавање на јазикот или претходен престој во Германија и возраст под 35 години.
Критериумите не се разликуваат од оние што се користат во канадскиот бодовен систем, иако овде се користи покомплексен систем за вреднување. Министерот, кој доаѓа од централно-левичарската партија Социјалдемократи (СПД), во своето интервју за медиумите нагласи дека ќе има одредени ограничувања и услови. Бројот на овие карти на годишно ниво ќе биде ограничен од страна на германската влада и ќе зависи од побарувачката на пазарот на трудот, објасни Хајл.
– Овде станува збор за квалификувано доселување, небирократски процес, па затоа е важно да кажеме дека оние што ќе добијат картичка за можности, ќе можат да заработуваат за живот додека се тука – изјави министерот за националната радиостаница ВДР.
Сепак, некои Германци воопшто не се воодушевени од картичката за можности на Хајл. Таа поставува непотребно високи пречки и го прави системот покомплициран, смета Холгер Бонин, директор за истражувања на Институтот за економија на трудот (ИЗА) во Бон. Според Бонин, бодовниот систем на Хајл едноставно ќе бара повеќе бирократија. Тој апелираше процедурата да биде поедноставена и да им се дадат визи на кандидатите за да побараат работа и ако не ја најдат за одреден временски период, ќе треба да ја напуштат државата. Бонин тврди дека додавањето нови бодовни листи само ги прави работите посложени, а доколку овие критериуми им се важни на работодавците, тие ќе донесат решение околу тоа за време на регрутирањето и нема да имаат потреба од карта пред селекцијата.
Во основа, Бонин вели дека некои од критериумите наведени од Хајл, всушност, и не се толку важни за работодавците во Германија: на пример, ако се работи за меѓународна компанија што главно комуницира на англиски јазик, нема да ѝ биде важно дали кандидатите зборуваат германски и дали претходно живееле во Германија.
Недостигот од стручна работна сила во Германија постои подолго време. Во „Гезамтметал“, Федерација на германски здруженија на работодавачи во металната и електротехничката индустрија, сметаат дека две од пет компании во овој сектор се соочуваат со отежнато производство поради дефицит на работници. Дополнително, Централното здружение на квалификувани занаетчии на Германија (ЗДХ) излезе со соопштение дека на државата ѝ недостигаат околу 250.000 квалификувани занаетчии.
Во последниве неколку години, бројката на квалификувани работници надвор од Европската Унија (ЕУ) што емигрирале во Германија во потрага по работа е доста зголемена, но сепак сè уште е релативно ниска. Според независната новинарска организација „Медиендинст интеграцион“, во 2019 година, бројот на квалификувани работници што влегле во Германија изнесувал нешто повеќе од 60.000, што било само 12 отсто од севкупната годишна имиграција од земјите што не се членки на ЕУ.
Во споредба со другите западни држави што се надеваат дека ќе привлечат стручни работници, Германија има неколку културолошки неповолности: на глобално ниво, германскиот јазик се користи помалку од англискиот. Друг проблем претставува фактот што германските работодавачи поставуваат повисоки критериуми во однос на сертификатите и квалификациите, кои често не се признаени во Германија или, пак, се потребни месеци за нивно признавање.
Постојат и други системски проблеми за германските работодавачи. Германскиот федерален систем подразбира различно признавање на квалификациите од страна на различни локални власти. Тука е и традиционалното германско потпирање на „хартиената бирократија“, при што на вработените им се бара превод на нивните сертификати, одобрен од страна на нотар.