Новиот британски премиер Кир Стармер целосно се согласи со предупредувањето на новиот шеф на армијата дека „Велика Британија мора да биде подготвена за сè понестабилен свет“
Поставени цели за подигнување на нивото на воената моќ на армијата на Обединетото Кралство
Генералот Роланд Вокер, новиот шеф на британската армија, изјави дека „Британија мора да биде подготвена за можност за војна во рок од три години“! Новиот британски премиер Кир Стармер „целосно се согласи“ со предупредувањето на новиот шеф на армијата дека Велика Британија мора да биде подготвена за „сè понестабилен“ свет, наведува „Би-би-си“. Во својот прв говор во својата нова улога, генералот Вокер истакна дека има голем број закани во сè понестабилниот свет, но исто така нагласи дека војната не е неизбежна. Клучно, според него, е удвојување на борбената моќ на армијата до 2027 година и нејзино тројно зголемување до крајот на деценијата. Новата британска безбедносна политика се карактеризира со сè поблиска соработка со земјите од ЕУ, особено со Германија.
Вокер ја истакна важноста од зајакнување на копнените сили на Обединетото Кралство за поддршка на стратегијата за одвраќање и избегнување војна. Модернизацијата на војската со фокус на технологијата, како што се вештачката интелигенција и огнената моќ, е клучна за постигнување на оваа амбиција.
Британската влада неодамна почна сеопфатен преглед на одбраната за да одговори на предизвиците со кои се соочуваат вооружените сили. Секретарот за одбрана Џон Хили ја нагласи потребата од поефикасни набавки и подобрен морал на армијата. Обединетото Кралство моментно има 75.325 члена во редовната војска, што е помалку од претходните години поради проблеми со регрутирањето и задржувањето. Претходната конзервативна влада го намали целниот број на вработени од 82.000 на 72.500 до 2025 година. Членките на НАТО ветија дека ќе трошат најмалку два отсто од БДП годишно за одбрана до 2024 година, а Обединетото Кралство моментно троши 2,3 отсто од БДП за одбрана. Р.С.