Според аналитичарите, со повлекувањето од околината на Киев, руската страна стави јасно на знаење дека испраќањето на трупите кон главниот град, а потоа и нивното бавно повлекување е само успешен маневар за да се добие на време додека се одработи вистинската цел, а тоа е заземање и утврдување во Мариупол и создавање на „копнениот мост“ кон Крим, за кој зборува и Столтенберг. На тој начин се освојува целото приморје на Азовско Море, а со копненото поврзување со Крим се добива една заокружена целина што завршува со Донбас
Експертски опсервации на украинскиот конфликт
Војната во Украина влегува во седмата недела, додека светот со загриженост ги проследува информациите за жртвите и ранетите, но и за бегалците што ги напуштаат своите домови. Военото лудило и натаму е централна тема на сите светски медиуми што известуваат од минута во минута за сѐ што се случува во подрачјата зафатени од борбени дејства. Во меѓувреме, политичарите се обидуваат да посредуваат меѓу Русија и Украина, барајќи мирно решение за воените дејства да престанат, но засега, и покрај ангажманот на голем број светски лидери, работите на тој план не се помрднати од мртва точка.
Алијансата (не)единствена
Во напорите да се најде решение на спорот, изненадувачки прозвучи веста дека земјите на НАТО се поделени за тоа како најдобро да се справат со следната фаза од конфликтот и неизвесниот период што ќе следува. Централноевропските членки како Полска и балтичките земји сакаат целосен раскин со Москва и обид да се фрли Русија на колена, изјавија двајца високи западни претставници. Тие се загрижени дека сè што Русија може да го претстави како победа ќе направи сериозна штета на европската безбедност. Но другите нации веруваат дека Русија не може лесно да се покори и дека исходот на војната веројатно ќе биде неизвесен – поизгледен е исцрпувачки прекин на огнот отколку звучна победа. Во таква ситуација, дополнителна неизвесност носи фактот дека земјите како Франција, Германија и Турција сакаат да одржуваат контакти со рускиот претседател Владимир Путин, без оглед на наводите за воени злосторства извршени од неговите војници, коментираат официјални претставници.
Министрите за надворешни работи на НАТО, кои се состанаа оваа недела за да разговараат за тоа како да ѝ се помогне на Украина, се согласија за една главна точка: војната е далеку од завршена, а руските сили и покрај нивното повлекување од областите околу главниот град Киев, прават бавен и брутален напредок на истокот на Украина.
Москва не се откажува од своите амбиции во Украина. Сега гледаме значително движење на војниците подалеку од Киев, за да се прегрупираат, повторно да се вооружат и да се снабдуваат. И тие го префрлаат својот фокус на исток. Во следните недели очекуваме натамошен руски притисок во источна и јужна Украина да се обиде да го заземе целиот Донбас и да создаде копнен мост до окупираниот Крим. Ова е клучна фаза од војната – изјави Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО.
Важноста на „копнениот мост“
И се чини дека генералниот секретар на НАТО ја дава најточната дијагноза на проблемот што го мачи целиот свет, барајќи одговор кои се целите на официјален Кремљ во врска со операцијата во Украина. Русија речиси го заврши повлекувањето од околината на Киев и се подготвува за засилени напади врз источна и јужна Украина, укажуваат воените аналитичари. И додека се чини дека руските сили се повлекуваат од околината на Киев и другите региони во северна Украина, тоа не се случува во близината на југоисточниот град Мариупол, кој е под опсада со недели. Освојувањето на Мариупол би било клучно за целта на Русија да создаде територијален континуитет од анектираниот Крим кон Русија.
Очекувам интензивни борби до конечното повлекување на (украинскиот) отпор од Мариупол – вели Александар Гринберг, аналитичар во Ерусалимскиот институт за безбедност и стратегија (ЈИСС).
На север од Мариупол се наоѓаат двата проруски сепаратистички региони, областа позната како Донбас, така што заземањето на градот ќе ѝ овозможи на Москва да контролира голем дел од источна Украина.
Доколку го заземат Мариупол, руските сили би можеле „да се движат на север за да го окупираат остатокот од Донбас и да ја продолжат контролата над јужна Украина и брегот на Азовско Море“, рече Пјер Разу, директор на Медитеранската фондација за стратегиски студии.
Според аналитичарите, со повлекувањето од околината на Киев, руската страна стави јасно на знаење дека испраќањето на трупите кон главниот град, а потоа и нивното бавно повлекување е само успешен маневар за да се добие на време додека се одработи вистинската цел, а тоа е заземање и утврдување во Мариупол и создавањето на „копнениот мост“ кон Крим, за кој зборува и Столтенберг. На тој начин се освојува целото приморје на Азовско Море, а со копненото поврзување со Крим се добива една заокружена целина што завршува со Донбас. Кога овој процес ќе се заокружи, дури тогаш ќе се создадат услови за вистински мировни преговори, оценуваат аналитичарите.
Освојување повеќе територии
Проруските региони Доњецк и Луганск, кои Русија ги призна како независни во февруари, не ја контролираа целосно својата територија. Москва инсистира на тоа дека нивните водачи треба да имаат целосна административна моќ, а целосната контрола на тие области се чини дека е клучна воена цел.
Војната е далеку од завршена и сепак може да оди во корист на Русија доколку руската војска започне успешна операција во источна Украина – велат аналитичарите од Институтот за проучување на војната (ИСВ).
Русија викендов започна напади врз западното пристаниште Одеса, а западни извори не исклучуваат амфибиски напад врз градот, иако тоа изгледа помалку веројатно.
Доколку биде прогласен прекин на огнот во ситуација „задржете го тоа што го имате“, Русија би можела да ја задржи контролата врз неколку нови делови на Украина – рече Иван Клишч, докторанд по меѓународни односи на универзитетот „Тарту“ во Естонија.
Да се подели Западот
Колку подолго трае војната, толку повеќе се очекува Кремљ да користи една од своите омилени тактики и да се обиде да го подели Западот на оние држави што сакаат да заземат најцврст можен став кон Москва и оние попомирливите. Во понеделникот Путин побрза да му честита на еден од своите најблиски сојузници во ЕУ, унгарскиот премиер Виктор Орбан, бидејќи неговата партија победи на изборите, давајќи му четврти мандат.
Навестувајќи можни нови тензии, американскиот претседател Џо Бајден рече дека Путин не треба да остане на власт, но францускиот претседател Емануел Макрон одговори дека таквата реторика не помага. Макрон во понеделникот рече дека ЕУ ќе размисли за воведување нови санкции против руската индустрија за нафта и јаглен, но не го спомна природниот гас, од кој Европа останува силно зависна. „Целта е, исто така, да се подели европското јавно мислење“, заклучи Пјер Разу, директор на Медитеранската фондација за стратегиски студии.
Подготвил: Марјан Велевски