Водачот на Хезболах беше убиен во петокот во серија експлозии што уништија подземен команден центар во јужен Бејрут, соопштија во саботата Израел и Хезболах. Смртта на Насрала се смета за сеизмички миг за Блискиот Исток, бидејќи ја зголемува опасноста од избувнување конфликт помеѓу Израел и Иран
По убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала
Кога американскиот државен секретар Ентони Блинкен во петокот им кажа на новинарите во Њујорк дека наредните денови ќе ја одредат идната насока на Блискиот Исток, тoj се надеваше дека Израел и либанската милитантна група Хезболах можат да бидат одвратени од понатамошна ескалација на конфликтот. Но убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, значително ги смени околностите, ставајќи го регионот во досега незабележана состојба, како што истакнуваат светските медиуми.
Водачот на Хезболах беше убиен во петокот во серија експлозии што уништија подземен команден центар во јужен Бејрут, соопштија во саботата Израел и Хезболах. Смртта на Насрала е сеизмички миг за Блискиот Исток бидејќи ја зголемува опасноста од избувнување конфликт помеѓу Израел и Иран.
Сите погледи вперени кон Техеран
Регионот сега ги очекува следните одлуки на Иран и на Израел. Иранските дипломати минатата недела во Њујорк јасно им сигнализираа на западните колеги дека не сакаат ескалација на состојбата на Блискиот Исток, што предизвика незадоволство во водството на Хезболах, како и чувство дека немаат доволна поддршка. Сега сите погледи ќе бидат вперени кон Техеран и тамошниот одговор, додека иранските власти се соочуваат со судбоносна одлука.
Ако Иран остане на острите вербални осуди за Израел за уништување на централниот дел од т.н. „оска на отпорот“ или упати општ повик кон неодредена акција, се смета дека кредибилитетот на неговата власт ќе биде загрозен. Но прагматизмот може да го принуди Иран да го советува Хезболах да ги прифати загубите, како и прекин на огнот, што, пак, нема да доведе и до прекин на огнот во Газа.
Ако, од друга страна, Иран почне директна воена одмазда против Израел, тоа значи дека ќе тргне во судир против израелската војска. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, го предупреди Израел дека атентатот врз лидерот на Хезболах „нема да помине неодмазден“. Ајатолахот објави петдневна официјална жалост во државата и повика итен состанок на 57-члената Организација за исламска соработка. Иран исто така повика на состанок на Советот за безбедност на ОН за акциите на Израел во Либан и во целиот регион.
Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили, генерал-полковникот Херзи Халеви, минатата недела изјави дека израелската војска се подготвува за можна окупација на територија во Либан, предупредувајќи дека „воените чизми ќе влезат на непријателска територија“. Израелските одбранбени сили испратија две бригади во северен Израел за да се обучуваат за можна копнена инвазија врз Либан.
Израелскиот премиер Нетанјаху: Убиството на Насрала е историска пресвртница
Израелските безбедносни сили исто така беа ставени во состојба на висока готовност, поради ризикот од можна одмазда поради убиството на Насрала. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во саботата изјави дека убиството на Насрала е историска пресвртница што може да го промени балансот на силите на Блискиот Исток, иако тој предупреди на „предизвикувачки денови“ што ќе следуваат.
– Убиството на Насрала беше неопходен чекор кон постигнување на целите што ги поставивме, безбедно враќање на жителите на северот во нивните домови и менување на рамнотежата на силите во регионот во годините што доаѓаат – истакна Нетанјаху.
Американскиот претседател Џо Бајден го нарече убиството на Насрала „мерка за правда за неговите многубројни жртви, вклучувајќи и илјадници Американци, Израелци и либански цивили“, додека му нареди на Пентагон да ја зајакне одбранбената положба на Америка во регионот. Бајден додаде дека САД „целосно го поддржуваат правото на Израел да се брани од Хезболах, Хамас, Хутите и сите други терористички групи поддржани од Иран“.
Со оглед на тоа што претседателските избори во САД се блиску и што Нетанјаху ужива пораст на домашната популарност, додека арапските држави се незадоволни поради убиството на Насрала, се чини дека САД имаат малку опции на располагање.
Администрацијата на Бајден се обидува да спречи целосна војна меѓу Израел и Хезболах, додека насилството во Либан ескалира. На маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Белата куќа работеше со Франција и арапските држави за да подготви предлог за 21-дневен прекин на огнот, но таквите напори брзо беа соборени од страна на Нетанјаху.
Предлогот за прекин на огнот имаше цел да постави темел за поопширен мировен договор, со кој Хезболах ќе ги повлече своите сили од израелско-либанската граница. Убиството на Насрала може целосно да ги попречи тие напори. Р.С.
Најмоќниот човек во Либан од сенка ја кроеше судбината на земјата
Генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала, со децении беше скриен од јавноста, но присутен во секоја одлука на организацијата, важејќи за најмоќниот човек во Либан, како што го опиша поранешниот британски амбасадор во земјата, Том Флечер.
– Како амбасадор во Бејрут, се сеќавам дека слушавме радио, во исчекување да дознаеме дали неговиот последен говор, во врска со атентат или воен удар, ќе го намали или зголеми нивото на опасност. Честопати беше првото, но секогаш со ризик за понатамошно насилство – објаснува Флечер во авторски текст за „Фајненшл тајмс“.
Насрала му се приклучи на Хезболах во 1982 година, кога милитантната група беше формирана од членови на Иранската револуционерна гарда. Тој успеа да изгради застрашувачка борбена организација, поддржана од неговите комуникациски способности и меката моќ, што значеше дека неговата контрола врз јужниот дел на Либан не беше базирана само врз страв. Ниту една либанска влада не можеше да опстане без негова согласност, ниту во целост да управува со земјата. Р.С.
Израел успеал да се инфилтрира во структурите на Хезболах
Израел спроведе серија тешки воздушни напади против Хезболах во изминатите денови, соопштувајќи дека неколку бомби го уништиле објектот на седиштето на организацијата, изграден под станбени згради во либанскиот главен град Бејрут, при убиството на Насрала. Израелските одбранбени сили тврдат дека во нападот биле убиени и други високи команданти на Хезболах. Израелските медиуми објавија дека ќерката на Насрала, Заинаб, исто така била убиена во нападот, иако нема потврда за тоа.
– Израел очигледно се инфилтрирал во Хезболах, убивајќи високи команданти со воздушни напади, парализирајќи го комуникацискиот и координативен капацитет на Хезболах и уништувајќи ја организацијата. Додека регионот се соочува со најголемата закана по безбедноста во изминатата година, има доста непознаници, вклучувајќи го и можниот одговор на Хезболах – вели Бурчу Озчелик, експертка за Блискиот Исток.
Околу 700 луѓе се убиени во нападите низ јужниот дел на Либан и неговиот главен град во последните денови, а околу 90.000 беа принудени да ги напуштат своите домови. Р.С.