Фонд создаден од јавната инвестициска банка „Бпифранс“ цели да собере 450 милиони евра од граѓани и од мали и средни претпријатија за француската индустрија за оружје

  • „Бпифранс дефанс“, иновативна финансиска платформа, има цел да собере до 450 милиони евра за поддршка на индустриските и технолошките компании во рамките на „Индустриската и технолошка база во одбраната“ (БИТД), мрежа од приближно четири илјади мали и средни претпријатија (кои честопати се недоволно капитализирани), да вложат во француската наменска воена индустрија…

Од 14 октомври годинава поединци во Франција можат директно да инвестираат во домашната воена индустрија преку „револуционерен фонд“ лансиран од јавната инвестициска банка „Бпифранс“. Оваа можност нуди годишен принос/камата од пет отсто и е дизајнирана за да ги поддржи малите и средните претпријатија во индустријата за оружје и „да придонесе кон националните тенденции за вооружување“.
Ваквата практика првпат се поведува во Франција. „Бпифранс“ лансираше „инвестициски фонд посветен на одбраната“ (?!) на 14 октомври, достапен за сите. Именувана „Бпифранс дефанс“, оваа иновативна финансиска платформа има цел да собере до 450 милиони евра за поддршка на индустриските и технолошките компании во рамките на индустриската и технолошката база во одбраната (БИТД), мрежа од приближно четири илјади мали и средни претпријатија што честопати се недоволно капитализирани.

Поттикнување на воени инвестиции!?

Достапен од 500 до 500.000 евра, овој фонд „им овозможува на штедачите да ги инвестираат своите пари во портфолио од компании што се 70 отсто француски и 30 отсто европски“, од кои повеќето не се котирани на берза. Инвестираните суми ќе бидат блокирани (не ќе може да се користат од инвеститорот) најмалку пет години, освен во исклучителни околности, а целната стапка на камата е пет отсто годишно, според „Бпифранс“. Оваа стапка, повисока од онаа на штедната книшка „Ливре A“ (1,7 отсто), доаѓа со ризик од делумно или целосно губење на капиталот, како што ги потсети читателите на „Либерасион“ Аделин Лемер, извршен директор за фондови во „Бпифранс“.

Поддршка на „малата наменска воена индустрија“

Наведената цел е јасна: да се поддржат малите и средните претпријатија и компаниите со средна големина во секторот, кои често се борат со тесните маржи наметнати од големите изведувачи како „Талес“, „Сафран“ и „Дасо“.
– Секторот се потпира на многу мали семејни бизниси, со значителни потреби за капитал – нагласува Никола Дуфурк.
„Бпифранс“ се надева дека ќе финансира околу 500 компании во рок од три години, со „ефект на бранување“ врз другите финансиски играчи што не сакаа да инвестираат во одбраната, сектор долго време исклучен од таканаречените „одржливи“ фондови.
Речиси половина од ресурсите на фондот ќе бидат управувани од други внатрешни гранки, како што е Фондот за иновации во одбраната, кој веќе поддржува стартапи во секторот во соработка со Генералниот директорат за вооружување (ДГА). Остатокот ќе биде инвестиран во специјализирани или генералистички фондови или дури и во котирани средства, за диверзификација на ризикот.

Француските воени јастреби го поттикнуваат воениот геополитички пејзаж

Оваа иницијатива доаѓа во контекст на забрзано вооружување во Европа, обележано со војната во Украина и постојаните пропаганди на европските либерални елити дека има „зголемување на заканите на континентот од исток“. Земјите членки на НАТО, вклучувајќи ја и Франција, ја зголемија својата цел за воени трошоци на 3,5 отсто од БДП до 2035 година. За да се постигне оваа цел, Франција мора да мобилизира 15 милијарди евра до 2030 година, според студијата на „Бпифранс лаб“.
Фондот исто така се справува со националното буџетско ограничување: соочена со затегнати јавни финансии, владата се надева дека ќе мобилизира француски заштеди, проценети на околу шест трилиони евра, за да придонесе за индустрискиот суверенитет.
Проектот е инспириран од предлогот даден во 2024 година од тогашниот премиер Мишел Барние, кој се залагаше за создавање „штедна сметка за индустријата“ за насочување на заштедите кон производство. Сепак, Уставниот совет ја отфрли идејата за штедна сметка без данок посветена на одбраната, сметајќи ја за надвор од опсегот на штедната сметка „Ливре A“. Фондот за одбрана „Бпифранс“ сега е пофлексибилна верзија на ова, без капитални гаранции, но со привлечна заработка.


Франција е втор најголем светски извозник на оружје

По завршувањето на Студената војна и падот на Берлинскиот ѕид, Франција ја забави својата одбранбена индустрија и го намали производството на оружје. Но, таа продолжи со производството на минимално ниво, за да не го изгуби индустриското знаење. Околу четири илјади мали компании сè уште работат во индустријата, а КНДС ги повика своите две илјади доставувачи да ги зголемат операциите, иако не им беше секогаш лесно да го финансираат порастот на побарувачката.
Франција сега е втор најголем извозник на оружје во светот по САД, а по избувнувањето на војната во Украина таа го зголемува производството – за да испрати оружје во Украина, како и за да ги зголеми сопствените резерви, објавува РФИ. Производителите на оружје како што е француско-германската КНДС го зголемија производството за трипати од 2022 година.
КНДС произведува вооружени возила, артилериски системи, оружја и муниција, но нејзин најпознат производ моментално се самоодните хаубици „цезар“ што се монтираат на возила и нивната муниција – гранатите од 155 милиметри.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција