teroristicki napad Moskva
Фото: ЕПА

Доколку нападот во Москва дефинитивно му се припише на ИСИЛ, нагласува Џадун, исламистичката група се надева дека ќе ѝ порасне кредибилитетот, „ќе добие поддршка од други сродни милитантни групи, ќе се окрупни и ќе се развие во терористичка организација со глобално влијание“. ИСИЛ-К, според мислењата на експертите, со нападот во срцето на Русија, во Москва, сака да ги претстави својот потенцијал и капацитет за да докаже дека може и е способна да организира и да изведе напади длабоко и на други територии на држави и идеологии што ги смета за противнички

ИСИЛ-К под објективот на безбедносните аналитичари во светот

Според досегашните информации што излегоа во медиумите поврзани со терористичкиот напад во Москва, лиферувани од Истражниот комитет на Русија за текот на криминалистичко-терористичката истрага за нападот, кои се базирани на широка палета тактичко-технички мерки и активности на руските безбедносни служби, главен организатор на нападот е „злогласната терористичка организација ИСИС, конкретно во овој случај нејзиниот огранок во Авганистан, познат како ИСИЛ-Хорасан“. Што мислат некои западни безбедносни експерти за извршителите, организаторите и инспираторите за овој терористички напад?

Одвлеченото внимание на руските безбедносни служби кон Украина било пресудно за моментот на извршување на терористичкиот напад

Според експертите и аналитичарите, исламистичките радикални елементи одлучиле во овој момент да извршат терористички напад во срцето на Руската Федерација бидејќи вниманието на руските разузнавачки и контраразузнавачки служби е речиси целосно насочено кон воениот конфликт во Украина. Последниот терористички напад во Москва е само еден од низата терористички напади извршени од исламските радикални групации на руската територија во изминативе неколку децении, особено на чеченските борци, кои беа поврзани со светското џихадистичко движење.
Во однос на последниот напад, Мајкл Кугелман, директор на Институтот за Јужна Азија во центарот „Вилсон“ со седиште во Вашингтон, посочува дека руската надворешна политика, особено руската поддршка на сирискиот претседател Башар ал Асад или Талибанците во Авганистан е „црвено знаме за ИСИЛ“!
– Советската инвазија на Авганистан, акциите на Русија во Чеченија, блиските односи на Москва со сириската и иранската влада, а особено воените кампањи што Русија ги спроведе против борците на ИСИЛ во Сирија и, со посредство на платениците од групата „Вагнер“, во делови од Африка беа силен предизвик и поттик за ИСИЛ да преземе акција – посочуваат меѓународните експерти.
Сето ова значеше дека Москва стана фокус на „обемната пропагандна војна“ на ИСИЛ, како што вели Амира Џадун, доцентка на Универзитетот „Клемсон“ во Јужна Каролина и коавторка на книгата „Исламска држава во Авганистан и Пакистан: Стратегиски сојузи и ривалства“.
– Ангажманот на Русија во глобалната борба против ИСИЛ и нејзините ограноци, особено преку нејзините воени операции во Сирија и нејзините напори да воспостави врски со авганистанските Талибанци – ривалот на ИСИЛ-К, ја означува Русија како клучен противник на ИСИЛ/ИСИЛ-К – вели Амира Џадун.

ИСИЛ-К се надева на „добивање кредибилитет, окрупнување и развивање во насока на терористичка организација со глобално влијание“

Доколку нападот во Москва дефинитивно му се припише на ИСИЛ, како што нагласува Џадун, исламистичката група се надева дека ќе ѝ порасне кредибилитетот, „ќе добие поддршка од други сродни милитантни групи, ќе се окрупни и ќе се развие во терористичка организација со глобално влијание“. ИСИЛ-К, според мислењата на експертите, со нападот во срцето на Русија, во Москва, сака да ги претстави својот потенцијал и капацитет за да докаже дека може и е способна да организира и да изведе напади длабоко и на други територии на држави и идеологии што ги смета за противнички.
– ИСИЛ постојано покажува амбиција да се развие во застрашувачки регионален ентитет. Со насочување на агресијата кон нациите како Иран и Русија, ИСИЛ-К не само што се соочува со регионалните сили туку и ги нагласува својата политичка важност и оперативен досег на глобалната сцена – изјави во јавноста Амира Џадун.
Во оваа конотација се и размислувањата на Кабир Танеја, соработник во Програмата за стратегиски студии на истражувачката фондација „Опсервер“, аналитички центар со седиште во Делхи, Индија. Според овој експерт, ИСИЛ и нејзините ограноци ја перцепираат Русија како крстоносна сила против муслиманите. Русија беше цел на ИСИЛ уште од самиот почеток на неговото дејствување.
– ИСИЛ ја нападна руската амбасада во Кабул во 2022 година, а во текот на следните месеци руските безбедносни агенции ги зајакнаа напорите да ги потиснат екосистемите што се залагаат за ИСИЛ во и околу Русија, особено во Централна Азија и Кавказ – нагласува Кабир Танеја.
Во овој правец е информацијата дека на почетокот на март руската Федерална служба за безбедност, попозната како ФСБ, спречила план на ИСИЛ за напад на синагога во Москва, најпривлечната моментална мотивација за ИСИЛ-К да ја нападне Русија е талибанскиот фактор.
– Талибанците се лут ривал на ИСИЛ, а ИСИЛ ја гледа Русија како пријател на талибанците – вели Мајкл Кугелман.


Исламската држава Хорасан, основана во 2015 година од незадоволни членови на пакистанските талибанци, изби на меѓународната џихадистичка сцена откако талибанците ја соборија авганистанската влада во 2021 година. За време на повлекувањето на американската војска од земјата, во август 2021 година ИСИЛ-К изврши самоубиствен бомбашки напад на меѓународниот аеродром во Кабул, во кој загинаа 13 американски војници и дури 170 цивили. Оттогаш талибанците се борат против ИСИЛ-К во Авганистан

Што претставува ИСИЛ-К?
Која е Исламската држава Хорасан

Пред пет години курдската и арапската милиција, поддржана од специјални воени сили на САД, ги потисна, а потоа и ги протера борците на Исламската држава (ИСИЛ) од реон во источна Сирија. Всушност, тоа беше последната територија што групата ИСИЛ ја држеше под своја контрола. Оттогаш, ИСИЛ, како организација што некогаш водеше самопрогласен калифат, кој се протегаше низ Ирак и Сирија, метастазираше во потрадиционална терористичка група – тајна мрежа на ќелии од Западна Африка до Југоисточна Азија, ангажирани во герилски и бомбашки напади и насочени убиства.
Ниту една од филијалите на групата не била толку безмилосна како Исламската држава Хорасан, која е активна во Авганистан, Пакистан и Иран и е насочена кон напади низ Европа и пошироко.
Во јануари, Исламската држава Хорасан, или ИСИЛ-К, изврши двоен бомбашки напад во Иран, во кој загинаа десетици луѓе, а стотици други беа ранети. Тоа се случи на комеморацијата за починатиот ирански генерал Касем Сулејмани, кој беше цел на напад со американско беспилотно летало четири години претходно.
– Заканата од ИСИЛ останува значаен проблем за борбата против тероризмот – рече Аврил Д. Хејнс, директор на Националното разузнавање, пред американскиот Сенат.
Повеќето напади за кои одговорноста ја презема ИСИЛ се всушност дело на филијали на ИСИЛ надвор од Авганистан.
Генералот Мајкл Е. Курила, командант на Централната команда на САД, изјави пред комисијата на Претставничкиот дом во четвртокот дека ИСИЛ-К „има способност и волја да ги нападне американските и западните интереси во странство во рок од шест месеци, со мало или без предупредување“.
Ова беше трет напад на ИСИЛ на концертно место на северната хемисфера во изминатата деценија, по нападот на „Батаклан“ во Париз во ноември 2015 година (како дел од пошироката операција што нападна други цели во градот) и самоубиствениот бомбашки напад на концертот на Аријана Гранде во арената „Манчестер“ во мај 2017 година.
Исламската држава Хорасан, основана во 2015 година од незадоволни членови на пакистанските талибанци, изби на меѓународната џихадистичка сцена откако талибанците ја соборија авганистанската влада во 2021 година. За време на повлекувањето на американската војска од земјата, во август 2021 година ИСИЛ-К изврши самоубиствен бомбашки напад на меѓународниот аеродром во Кабул, во кој загинаа 13 американски војници и дури 170 цивили.
Оттогаш талибанците се борат против ИСИЛ-К во Авганистан.
– Досега талибанските безбедносни служби ја спречуваа групата да заземе територија или да регрутира голем број поранешни талибански борци – велат американски претставници за борба против тероризмот.
Сепак, нагорната траекторија и обемот на нападите на ИСИЛ-К се зголемија во последниве години, со прекугранични напади во Пакистан и зголемен број заговори во Европа. Повеќето од овие европски заговори беа спречени, што ги наведе западните разузнавачки агенции да проценат дека групата можеби ги минува границите на своите дотогашни (занемарливи) способности.
За издвојување е дека во 2023 година, Германија и Холандија го координираа апсењето на седум лица од Таџикистан, Туркменистан и Киргистан поврзани со мрежата ИСИЛ-К, кои беа осомничени за „планирање напади во Германија“.


Како реагираше ИСИЛ?

Каналите на социјалните медиуми на ИСИЛ пишуваат дека тие „се радуваат по нападот врз Москва“. Оваа констатација ја извлече од социјалните мрежи на ИСИЛ Абдул Басит, виш соработник на школата за меѓународни студии „С. Раџаратнам“ во Сингапур. Тој во јавноста изјави дека „ИСИЛ го слави нападот“, додавајќи дека поддржувачите „го преведуваат и објавуваат тврдењето за одговорност“ објавено од новинската агенција „Амак“.
Абдул Басит исто така тврди дека „начинот на работа на ИСИЛ вклучува засилување на неговата пропагандна кампања пред големите напади. Тоа се гледа во неодамнешните антитурски пораки, а „споредено со повеќе претходни нивни крвави дела со нивни потпис и преземена одговорност, ова е начинот на нивната работа, односно практикување силна пропагандна кампања во пресрет на извршување на терористичкиот акт“. Имено, според тврдењето на Абдул Басит, со ваквите напади, тие го „зајакнуваат кредибилитетот“ на вооружените групи, што потоа „го зголемува опсегот на нивното финансирање, регрутирање и пропаганда“.
Интересно е што Абдул Басит тврди дека „се можни нови напади во Русија и на други места, со оглед на клучната улога на регрутите од Централна Азија на ИСИЛ – особено Таџикистанците“.


Потсетување на други претходни исклучително злосторнички терористички напади во Русија

Москва и другите руски градови и претходно беа цел на напади. Да потсетиме на два од нив.
– Во 2002 година чеченските борци зеле повеќе од 900 луѓе како заложници во московскиот театар „Дубровка“, барајќи повлекување на руските трупи од Чеченија и прекин на руската војна во регионот. Руските специјални сили упаднаа во театарот за да го разбијат судирот, при што загинаа 130 луѓе. Повеќето беа задушени од гасот што го користеа безбедносните сили за да ги онесвестат чеченските борци.
– Најсмртоносниот напад во Русија беше опсадата на училиштето во Беслан во 2004 година, извршена од членови на чеченска вооружена група што бараше независност на Чеченија од Русија, но беше поврзана со светското џихадистичко движење. Во опсадата загинаа 334 луѓе, меѓу кои 186 деца.


Москва вчера за првпат директно ја обвини Украина дека стои зад терористичкиот напад

Секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, вчера за јавноста изјави дека Украина стои зад терористичкиот напад на концертната сала „Крокус“ ​​во предградието на Москва.
Имено, на новинарско прашање упатено до секретарот на рускиот Совет за безбедност, кој точно стои зад терористичкиот напад во Москва, односно дали зад терористичкиот напад стои терористичката организација ИСИЛ или, пак, можеби Украина, секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, лаконски одговорил: „Се разбира, Украина“!
Овој официјален став на Кремљ доаѓа како делумно изненадување по завчерашната изјава на рускиот претседател Владимир Путин, кој беше дециден во својата изјава за јавноста дека нападот го извршиле радикални исламисти.
– Знаеме дека злосторството го извршиле радикални исламисти, кои имаат идеологија против која самиот исламски свет се бори со векови – беше изјавата што рускиот претседател ја изрекол на состанокот на Владата, која беше и пренесена во локалните и во светските медиуми.
– Знаеме кој го изврши ова злосторство против Русија и нејзиниот народ. Она што нè интересира е кој го наредил. Важно е да се одговори на прашањето зошто терористите се обидоа да заминат во Украина по злосторството. Кој ги чекаше таму? – додаде тој.
Имајќи предвид дека за извршување на еден терористички акт, безбедносните експерти лоцираат четири нивоа на одговорност (и тоа: извршители, како најниско ниво, потоа организатори/планери како повисоко ниво, нарачатели како нешто повисоко ниво и, на крајот, инспиратори како највисоко ниво, до кои во безбедносната теорија е речиси и неможно да се стигне), тогаш е разбирливо и дека изјавите на претседателот на Русија и на секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, не се толку различни и дека „изненадувањето“ за вперувањето на прстот на Кремљ, кон потенцијалните (нарачатели и инспиратори), и не е толку во различна насока.

Подготвил: Далибор Станковиќ