Фото: ЕПА

Низ призмата на владеењето на правото и принципот на неселективност на легислативата и институциите во Америка


Подготвил: Mарјан Велевски

Индиции за корупција на Бајден, ќе се отвори ли истрага?

На американскиот претседател Џо Бајден, наводно, му биле исплатени пет милиони долари во 2020 година од украинската компанија за природен гас „Бурисма холдингс“, во која неговиот син Хантер Бајден е член на одборот, се открива во извештајот на Фокс њуз, кој цитира „доверлив човечки извор“. Споменатиот извор зборуваше за Фокс њуз, откривајќи ја содржината на формуларот ФД-1023 создаден од ФБИ, во кој се наведува криминална шема за поткуп помеѓу тогашниот потпретседател Џо Бајден и странски државјанин што влијаел на политичките одлуки на САД.

Образецот ФД-1023, од 30 јуни 2020 година, всушност опфаќа интервју на ФБИ со „многу веродостоен“ доверлив извор, кој опишал голем број состаноци и разговори што тој или таа ги имал со висок директор на „Бурисма“ во текот на неколку години, почнувајќи од 2015 година, се вели во извештајот. Фокс њуз, сепак, не го видел формуларот, но го опишале неколку извори запознаени со неговата содржина. Образецот ФД-1023, според извештајот, го користат агентите на ФБИ за поднесување непотврдени извештаи од веродостојни луѓе.

Формуларот се користи за документирање информации доставени до агент на ФБИ. Извршниот директор на „Бурисма“ побарал совет од доверлив извор, кој е бизнис-професионалец, за стекнување на правата за нафта во САД и за работа со американска нафтена компанија, велат запознаени со документот. Извршниот директор на „Бурисма“ разговарал со изворот во 2015 и 2016 година за да добие совет за просперитет на бизнисот.

Тие тврдат дека извршниот директор на „Бурисма“ разговарал за улогата на Хантер во одборот. Американецот притоа прашал зошто на извршниот директор на „Бурисма“ ќе му треба советот на Хантер Бајден за купување американска нафта, ако веќе го има Хантер Бајден во одборот. Извршниот директор на „Бурисма“ одговорил нарекувајќи го Хантер Бајден „глупав“.

Бајден и неговиот син веќе се соочија со слични обвинувања, но во тоа време тие го нарекоа тоа политичко-медиумски оркестриран напад. Американските избори се ближат…


Процесирање на обвинението на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп

Поранешниот претседател Доналд Трамп е обвинет за лошо третирање на стотици доверливи документи, вклучувајќи ги и оние за американските нуклеарни тајни и воени планови.

Обвинението од 37 точки го обвинува дека ги чувал документите на неговиот имот на Флорида. Дел од документите ги чувал во сала за бал и во туш-кабина што не се користи. Истражителите тврдат дека за сето ова тој се обидел да ги измами надлежните истажители и да ги наведе на погрешна трага.

Трамп, кој исто така се кандидира за претседател во 2024 година, негира дека сторил нешто противзаконски. Но правните експерти велат дека кривичната пријава против него може да доведе до прифаќање на елементите во целост во обвинението и ако тоа помине, му претстои значителна затворска казна, се разбира доколку биде осуден.
Обвиненија беа поднесени и против личниот асистент на Трамп, Волт Наут. Поранешниот воен помошник во Белата куќа е обвинет дека префрлил досиеја за да ги скрие од ФБИ. Обвинението од 49 страници е првото федерално обвинение против поранешен претседател на САД.

Тајните документи што Трамп ги чувал во своите кутии содржат информации за: нуклеарната програма на САД, војската, одбранбените способности на другите земји, документи за слабостите на американската војска и нејзините сојузници и планови за тоа како САД ќе одговорат на напад.

Обвинителите велат дека кога Трамп ја напуштил функцијата, тој однел околу 300 доверливи досиеја во имотот Мар-а-Лаго – неговиот океански дом во Палм Бич, кој исто така е приватен клуб на членови. Во обвинението се наведува дека Мар-а-Лаго бил домаќин на настани за десетици илјади члена и гости. Имотот има и сала за бал каде што се пронајдени документите. Обвинителите велат дека Трамп се обидел да ја попречи истрагата на ФБИ за исчезнатите документи, сугерирајќи му на неговиот адвокат да ги „скрие или уништи“ или да им каже на истражителите дека се исчезнати.
Трамп истакна дека доверливи документи биле пронајдени и во поранешната канцеларија на претседателот Џо Бајден и во домот и гаражата на Бајден во Делавер.

Белата куќа претходно соопшти дека веднаш соработувала со официјални лица веднаш штом биле откриени досиејата, што е во спротивност со наводните напори на Трамп да ги опструира истражителите. Федералната истрага за пропустот на Бајден ја води специјалниот советник Роберт Хур и се уште е во тек.
Ова е втора кривична постапка против Трамп, кому следната година треба да му се суди во Њујорк за „тајни плаќања на порноѕвезди“.