ЕУ ѝ се закани на Полска дека нема да ја финансира ако не спроведе реформи во судството
Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, минатата недела во Стразбур со заканувачки зборови се обрати кон Полска, со што уште еднаш го актуализира проблемот што ги вознемири духовите во Европскиот парламент. Имено, Фон дер Лејен изјавила дека „средствата на ЕУ нема да ѝ бидат исплатени на Полска додека земјата не спроведе реформи за враќање на независноста на судството“.
Таа ја изрече ваквата закана додека зборуваше на дебата за владеење на правото и одобрување на планот за закрепнување на Полска на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур, Франција.
– Знам дека некои од вас се скептични, но дозволете ми да ве уверам дека парите нема да бидат исплатени додека не се преземат овие реформи – рече Фон дер Лејен пред пратениците на ЕУ, кои веќе изразија загриженост дека Европската комисија го одобрила фондот за обновување на Полска во постпандемијата, вреден 35 милијарди евра.
Додека повеќето земји од ЕУ веќе добија исплати од пакетот од 672,5 милијарди евра на блокот усвоен во 2020 година, извршното тело на ЕУ до минатата недела одбиваше да го одобри националниот план на Полска поради „назадување во владеењето на правото“.
– Првата исплата ќе биде можна само кога новиот закон ќе стапи во сила и ќе ги исполни сите услови од овој договор – им рече Фон дер Лејен на пратениците на ЕУ. Таа објасни дека ЕУ очекува „Полска да го укине сегашниот Дисциплински совет на Врховниот суд и да го замени со независно и непристрасно тело во согласност со претходните пресуди на Судот на ЕУ“.
Европската Унија ќе бара и „реформа на дисциплинските постапки и ревизија на контроверзните случаи против судии“.
– Полска мора да покаже до крајот на 2023 година дека сите незаконски разрешени судии се вратени на функцијата. Ако тоа не е случај, нема да има дополнителни плаќања – рече Фон дер Лејен.
Таа заклучи дека извршната власт на ЕУ ќе ја продолжи постапката за кршење на правата во земјата и дека сегашниот договор за фондот за обнова „не е крајот на патот кон владеењето на правото во Полска“. Институциите на ЕУ се во спор со Полска околу судските реформи во земјата, кои, како што толкува ЕУ, „ја ограничуваат независноста на судството и го поткопуваат приматот на правото на ЕУ од 2016 година“, додека Варшава толкува дека ги штити своите национални интереси и владеењето на правото е целосно и во согласност со внатрешното право, Уставот и законите, и ги штити своите граѓани. Варшава смета дека ЕУ сака да го реобликува начинот на функционирање на правосудството во Полска и да го стави во интерес на големите играчи на ЕУ и на Брисел.