Поранешниот американски државен секретар продолжува да биде во фокусот на јавноста
Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер го осуди американскиот политички естаблишмент поради тоа што не покажа „домашна кохезија“ и оцени дека Америка не може да си дозволи да се изолира. Со оглед на тоа што Соединетите Американски Држави „страдаат“ од „домашна поделба и меѓународен неред околу тоа кои сме и за што се залагаме“, на земјата ѝ е „тешко да ја собере домашната кохезија неопходна за да одговори на предизвиците што претстојат“, изјави тој пред многубројните присутни високи гости, собрани на настан организиран во чест на поранешниот претседател Роналд Реган.
Зборувајќи за предизвиците што претстојат, Кисинџер додаде дека тие го вклучуваат „предизвикот за светскиот поредок“ што доаѓа од Кина, руската воена операција во Украина и очигледно неизбежниот развој на „најуништувачкото оружје во светот“ од страна на Иран, а да не ја спомнуваме вештачката интелигенција (АИ,) која, предупредува поранешниот дипломат, може да ја „трансформира самата човечка свест“.
– Секој од овие итни случаи бара комбинација на сила и помирување – рече тој, потсетувајќи ги насобраните обожаватели на Реган дека поранешниот претседател „знаеше дека Америка треба да биде силна во суштина и на ум за да го заштити светскиот поредок – со сила, ако е неопходно“.
Реган, кој би имал 112 години да беше жив, никогаш не се поколебал во своето верување дека „Америка е најбезбедна и најпросперитетна кога нејзиниот лидер обликува стабилен свет“ и дека „стабилен свет не може да се заснова на американскиот изолационизам“, потсети Кисинџер во својот говор.
Додека 99-годишниот поранешен дипломат го опишува Реган како „миротворец“, јавноста се потсетува дека неговата администрација ја нападна Гренада, испрати илјадници војници на Блискиот Исток и се обиде да ја собори Владата на Никарагва со финансирање, обука и вооружување на милицијата, преку ЦИА. За време на претседателството на Реган, Кисинџер претседаваше со двопартиската Национална комисија за Централна Америка, која го обвини Советскиот Сојуз за искористување на политичките немири во регионот додека ја прикрива американската – а особено поддршката на Кисинџер за воените диктатури како онаа на Аугусто Пиноче во Чиле и Салвадорски „одреди на смртта“, кои, наводно, се бореле против комунизмот.
Минатиот месец на Светскиот економски форум, Кисинџер јавно ја прифати идејата за членство на Украина во НАТО, што беше политичко салтомортале од претходната конференција, кога тој повика на предвремен прекин на конфликтот за Русија да не биде „вовлечена“ во рацете на Кина.
Подготвил: Mарјан Велевски