Деновиве се појавија интересни показатели што укажуваат на соработката меѓу Вашингтон и Москва, наспроти санкциите што глобално ѝ се наметнуваат на Русија поради ситуацијата со Украина. И, што е уште поинтересно, станува збор за соработка во една многу чувствителна сфера – нуклеарната. За тоа сведочи веста објавена деновиве, која се базира на податоци од навигациски портали и други специјализирани извори, како и на изјави на локални експерти од областа на нуклеарната енергија

Прагматичноста на големите сили: нуклеарна соработка, а не нуклеарна војна

Вообичаената претстава дека политичките интереси се наметнуваат над економските интереси, односно над интересите на големите бизниси, се чини дека во практиката добива сериозни корекции. Тоа е повеќе од очигледно со формалното продолжување на економската соработка меѓу САД и Кина во речиси сите сфери (освен во високата технологија). Според официјални податоци, само минатата година Кина и САД соработувале економски во износ од 642,33 милијарди евра. И покрај затегнатите дипломатски односи, лани извозот и увозот на стоки меѓу САД и Кина бележат нов рекорд. Бројките покажуваат дека во 2022 година, САД увезле стоки од Кина во вредност од 499,51 милијарди евра, а извезле за 143,12 милијарди.

Интересна соработка и меѓу САД и Русија

Деновиве се појавија интересни показатели што укажуваат на соработката меѓу Вашингтон и Москва, наспроти санкциите што глобално ѝ се наметнуваат на Русија поради ситуацијата со Украина. И, што е уште поинтересно, станува збор за соработка во една многу чувствителна сфера – нуклеарната. За тоа сведочи веста објавена деновиве во Русија, која се базира на податоци од навигациски портали и други специјализирани извори, како и на изјави на локални експерти од областа на нуклеарната енергија.
Имено, станува збор за продолжување на непречените испораки на руски ураниум и на ураниум од Централна Азија за САД и Канада, и покрај тоа што Русија е изложена на силни западни санкции, пред сѐ во енергетскиот и во финансискиот сектор. Рускиот ураниум, важно е да се нагласи, не е предмет на американски санкции. Истовремено, интересно е што руските експерти сметаат дека и во случај на санкции нема да дојде до целосен прекин на овие врски.
Според навигацискиот портал „Веселфајндер“ и бродскиот оператор „АРРЦ лајн“, пратка на ураниум од Русија и преку Русија до САД била регистрирана на почетокот на февруари. Поточно, на 9 февруари во Балтимор, САД, пристигнал контејнерскиот брод „Атлантик екшн 2“ од Ломоносов. По него на 4 март во Хјустон треба да пристигне и бродот „Атлантик ранер 2“.
Според податоците на специјализираниот сајт за извозно-увозни операции „Импорт џиниус“, продолжуваат сите испораки во САД што беа извршени пред почетокот на руската интервенција во Украина. Така, од 1 до 10 јануари ураниум хексафлуорид беше доставен до Хјустон и Балтимор од руската „Техснабекспорт АД“за американскиот „Вестингхаус“ и глобалните нуклеарни горива. Последново е заеднички проект на американскиот „Џенерал електрик“ и јапонскиот „Хитачи“.
„Атлантик ранер 2“, исто така, испорача товар со концентрат на ураниум од узбекистанската државна компанија „Навојуран“ за канадската „Камеко“.
Минатата година испораките на ураниумските суровини од Казахстан, поточно од локалната компанија „Казатомпром“, која кон крајот на минатата година известуваше за испорака по алтернативен пат, минаа низ Русија без прекин.

И Русија и Западот се однесуваат многу прагматично

Русија не е најголемиот производител и извозник на ураниум, но нејзиниот удел во услугите за преработка е една третина, а во збогатувањето – 40 отсто од светскиот пазар. Покрај тоа, американските оператори на нуклеарни централи добиваат 20 отсто од збогатениот ураниум од Русија и тие официјално се спротивставија на какви било санкции.
– Западните нуклеарни научници можат да ја прекинат соработката со Русија само под силен притисок од нивните политичари. А и тогаш сигурен сум дека нема да дозволат целосен прекин на односите и дека ќе бараат на овој или на оној начин да ги зачуваат – на пример, под покровителство на меѓународни организации – рече директорот на независната непрофитна организација за развој на нуклеарна наука, технологија и образование „АтомИнфо – центар“, Александар Уваров.
Коментирајќи го фактот дека и во Русија има повици да се запре снабдувањето со суровини од ураниум на непријателските земји, рускиот експерт е претпазлив и го вели следново.
– Како човек ми е непријатно што соработката продолжува. Но мора да земеме предвид дека руската нуклеарна индустрија се состои од повеќе од 250.000 висококвалификувани технички работници и инженери и дека нашата земја е должна да го зачува и да го зголеми овој потенцијал. Денес, руската нуклеарна индустрија има важен удел во извозните нарачки и секое доброволно намалување на извозот ќе влијае, пред сè, на нашиот народ. Затоа, прво треба да се подготви нов работен фронт, па дури потоа да се постави прашањето дали на рускиот нуклеарен сектор му требаат договори со Западот – објаснува Уваров.
Во секој случај, логичен заклучок е дека и двете страни – и Русија и Западот – се однесуваат многу прагматично во вакви, инхерентно важни прашања, иако тоа често останува надвор од „светлата на сцената“, т.е. јавноста.
За крај уште еден пример. Имено, рускиот природен гас, и покрај се, сè уште се испорачува (се разбира, во значително помали количества) и во Европската Унија – ни помалку ни повеќе, туку преку Украина, но и преку друг цевковод на рускиот црноморски гас: „Турски тек“ за Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Унгарија.

Подготвил: Mарјан Велевски