Брзиот воен напредок на Кина се повеќе ја загрозува надмоќта на САД во вселената, изјави денеска Нина Армано, која командува со вселенската дивизија на американската војска.
Генерал-полковничката Армано рече дека Кина постигнала значителен напредок во вселенската технологија, вклучително и во областите како што се сателитски комуникации и вселенски летала за повеќекратна употреба, што овозможува брза надградба на вселенските програми.
– Мислам дека е сосема можно тие да нè стигнат и да не престигнат, се разбира – рече таа на настанот во Сиднеј што го организира Австралискиот институт за стратешка политика, кофинансиран од САД и од австралиските власти. Според неа, „напредокот што го постигнале е неверојатен, неверојатно брз“.
Историски гледано, Кина заостанува во вселенската трка во која водечка улога имаат САД и Русија. Меѓутоа, последните години Пекинг постигна значителен напредок што ги загрижува Вашингтон и другите западни влади.
Шефот на кинеската програма за истражување на Месечината, Је Пеицјан, ги спореди Месечината и Марс со спорните острови во Јужното Кинеско Море, на кои претендира Пекинг. Кина исто така развива експериментални технологии насочени кон истражување астероиди и мали планети богати со природни ресурси.
– Кина е единствената земја која има намера да го промени меѓународниот поредок и во исто време сè повеќе има економска, дипломатска, воена и технолошка моќ да ја постигне таа цел – рече Армано.
Според нејзините зборови, Кина заедно со Русија, последните години спроведуваат „непромислени” ракетни тестови и создаваат опасна количина вселенски отпад.
– Тие простори со отпад ги загрозија сите наши вселенски системи што се од витално значење за безбедносните, економските и научните интереси на сите нации – рече таа.
Вселенската дивизија на американската армија беше создадена во 2019 година, делумно како обид да се спротивстави на растечките способности на Кина.
Кинеската вселенска програма за утре го има закажано лансирање на леталото „Шенжу-16“ со тројца астронаути што ќе заминат на новата кинеска вселенска станица.