За пет месеци годинава, руско-кинеската трговска размена е зголемена за третина и достигна вредност од околу 66 милијарди долари, објави Главната царинска управа на Кина. Брзиот раст на стоковната размена се должи на поскапувањето на енергентите што учествуваат со 70 отсто од испораките на Русија во Кина. По санкциите од меѓународната заедница и Европската Унија, Москва го пренасочува извозот на своите производи во оваа азиска земја. Според мислењата на економистите, оваа политика на Русија ѝ овозможува да ги минимизира загубите предизвикани од санкциите. Во исто време, руските компании можат да купуваат низа компоненти, резервни делови и други стратегиски производи од Пекинг, а со тоа да ги заобиколат ограничувањата од САД и од ЕУ.
Од јануари до мај годинава, стоковната размена меѓу Русија и Кина е зголемена за 28,9 отсто во споредба со истиот период лани и достигна вредност од 65,81 милијарда долари. Во овој период, извозот на кинески производи во Русија порасна за 7,2 отсто и достигна вредност од 24,56 милијарди долари. Москва го зголемила извозот во Кина за 45,5 отсто и достигна вредност од 41,23 милијарда долари.
Околу 70 отсто од извозот на Русија во Кина се однесува на нафта, гас и јаглен. Кинеските компании набавуваат и метали, дрво, ѓубриво, хемикалии и дијаманти, а се зголемува и увозот на руски прехранбени производи.
Аналитичарите проценуваат дека Кина ќе продолжи да го зголемува увозот на енергенти. Според прогнозите на ОПЕК, до 2030 година четвртина од светската побарувачка за нафта ќе се однесува за Кина и Индија. Ако продолжи овој тренд, не е исклучено трговската размена меѓу Русија и Кина да достигне 200 милијарди долари до крајот на 2022 година.