Кина останува на својот став дека се потребни реформи во Советот за безбедност на ОН, истакнувајќи ја потребата од поголема застапеност на земјите во развој, особено малите и средните земји, пренесува „Саут Чајна морнинг пост“ цитирајќи го кинескиот шеф за надворешна политика.
– Реформата на Советот за безбедност треба да ја поддржува правичноста и правдата, да ги зголеми застапеноста и гласот на земјите во развој, дозволувајќи им на повеќе мали и средни земји да имаат поголема можност да учествуваат во одлуките на Советот – истакна Ванг Ји, директор на Комисијата за надворешни работи на ЦК на Комунистичката партија на Кина.
Ванг Ји го повтори ставот на Кина, една од петте членки со право на вето во 15-члениот Совет за безбедност, за време на состанокот со амбасадорите на Кувајт и Австрија во ОН, Тарек Албани и Александар Маршик, во саботата во Пекинг.
Кувајт и Австрија се копретседатели на меѓувладините преговори за реформите на Советот за безбедност на ОН.
Ванг изрази надеж дека ќе се постигне консензус за процесот на реформи во Советот за безбедност да биде широко признат и дека „резултатите ќе го издржат тестот на времето“, додавајќи дека мора да се отстранат „историските неправди кон Африка“.
Во текот на африканската турнеја во јануари, кинескиот министер за надворешни работи, Чин Ганг, јасно стави до знаење дека Пекинг сака да ја зголеми застапеноста на земјите во развој во Советот за безбедност на ОН, со цел да го направи „глобалниот систем на управување поправеден и непристрасен“.
Забелешките на Ванг доаѓаат една недела откако со сличен предлог излезе и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој посочи дека западните сили се премногу застапени во клучното меѓународно тело.
– Вистинскиот мултилатерализам бара приспособување на ОН на објективните тенденции за формирање мултиполарна архитектура во меѓународните односи – истакна Лавров минатиот понеделник во седиштето на ОН во Њујорк.
Според Лавров, треба да се забрза „зголемувањето на застапеноста на азиските, африканските и латиноамериканските земји“ во телото изразувајќи жалење поради сегашната прекумерна застапеност на западните земји во СБ.
Во рамките на истата дискусија поддршка за реформи во СБ изразија и американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд, и индиската амбасадорка, Ручира Камбој.
Во својата сегашна форма Советот за безбедност на ОН се состои од пет постојани членки со право на вето – Кина, Франција, Русија, Обединетото Кралство и САД – и 10 непостојани членки, кои се избираат од Генералното собрание на ОН на секои две години.
Според сегашните правила, непостојните членки ги сочинуваат пет африкански и азиски држави, една источноевропска држава, две латиноамерикански држави и две западноевропски и други држави.
Со Швајцарија и Малта како непостојани членки, Западот во моментот има пет места во Советот, повеќе од кој било друг регион. Јапонија, која е близок сојузник на Вашингтон, е исто така меѓу десетте сегашни непостојани членки.