Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун испрати телеграма до неговиот руски колега Владимир Путин, во која изрази надеж за победа на рускиот народ во борбата против „хегемонијата на империјалистите“.
Ким во телеграма, по повод 75-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји, рече дека односите со Русија ќе продолжат постепено да се развиваат до ново ниво, пренесе севернокорејската новинска агенција КЦНА.
– Многу сум задоволен од фактот што неодамна бев во официјална посета на Русија и разменив искрени мислења со другарот Путин за развојот на пријателските односи меѓу Северна Кореја и Русија – рече Ким.
Тој му посака на Путин добро здравје и успех, со надеж дека „рускиот народ секогаш ќе излезе како победник во борбата против упорната хегемонистичка политика на империјалистите“. Тој изјави дека се надева оти Русија ќе ги одбрани суверенитетот, достоинството, безбедноста и мирот на земјата.